Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов денеска ќе поднесе тужби против техничкиот министер за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски за, како што посочува, незаконско работење и незаконско разрешување на 15 директори на јавни установи со барање за времена мерка на незаконските решенија.
– Сакам да ја информирам јавноста дека ќе ги искористам сите правни средства во овој момент, но и понатаму за спречување и докажување на незаконското, непрофесионално, несовесно и нестручно работење од страна на техничката министерка Ременски, изјави Спасов.
Додаде дека ваквата, како што потенцира, еднострана одлука за незаконско разрешување на 15 директори на центри за социјални работи и јавни установи претставува смислен и невиден политички реваншизам како дополна на нејзиното досегашно работење со блокада на започнатите проекти и партизација на Министерството.
– За ваквото незаконско разрешување и постапување, техничката министерка ќе сноси одговорност, бидејќи причините за разрешување се повеќе од апсурдни и небулозни. Конкретно, 12 директори на центри за социјална работа се разрешени поради непотпишување менаџерски договори со што Фросина Ременски прекршила повеќе закони. Во Законот за социјална заштита е утврдено дека министерот за труд и социјална политика и директорот може да потпишат менаџерски договор за допрецизирање на правата и обврските. Но, во законот нема рок за потпишување на договорот, ниту, пак, е предвиден основ за разрешување на директорот ако не потпише менаџерски договор, а ниту законски не е дефинирана содржината на договорот, појаснува Спасов во изјава за МИА.
Додава дека тоа е договор кој се потпишува во согласност со вољата на двете страни, што значи двете страни треба да ја усогласат содржината на договорот.
– Спротивно на ова, техничката министерка понудила текст на договор со битни пропусти и со дискриминација на правата од работните односи на директорот. Поточно, во тој договор предвидени се само обврските на директорот, а не и сите права од работен однос кои и следуваат на другата договорна страна односно на директорот. Покрај овие недостатоци понудените договори од страна на техничката министерка содржат и други битни пропусти, на пример во понудениот текст е наведено дека со потпишување на менаџерски договор започнува работниот однос на директорот, тоа не е точно и не е законски бидејќи работниот однос на директорот започнува со именување на директорот кога и се пријавува во Агенцијата за вработување, информира дополнителниот заменик министер.
Директорите од центрите за социјална работа писмено и уредно доставиле забелешки до техничката министерка, додава Спасов, при што, како што вели, таа целосно ги игнорира и носи одлука за разрешување спротивно на Законот и врши злоупотреба на службените овластувања и класичен реваншизам.
– Техничката министерка незаконски постапила и со разрешување на останатите тројца директори, директорот на Центарот за социјални работи-Кочани, директорот на Центарот за социјални работи Демир Хисар и директорот на Јавна установа Дом за доенчиња и мали деца-Битола. Тие се разрешени наводно поради тоа што не доставиле годишни извештаи согласно Закон за социјална заштита. Се работи за очигледна лага, бидејќи истите извештаи се доставени за 2012, 2013 и 2014 година за што има конкретни докази, додека пак рокот за поднесување годишен извештај за 2015 е до крајот на февруари оваа година. Ова е флагрантен пример и доказ дека разрешувањето е незаконско, вели Спасов.
Посочува дека техничката министерка за труд и социјална политика исто така го прекршила и Законот за Влада каде било наведено дека сите правни, кадрови и финансиски прашања се потпишуваат од техничкиот министер и од дополнителниот заменик министер.
– Како дополнителен заменик министер јас воопшто не бев информиран и не дадов согласност за ова незаконско разрешување. Согласно Законот за Влада исто така решенијата за разрешување на директорите немаат правна сила. Поради наведеното ќе ги искористам сите правни средства во моментот и понатаму за докажување и спречување на незаконското, непрофесионално, несовесно и нестручно работење од страна на техничката министерка Ременски, вели Спасов.
Информира дека покрај тоа што тој ќе поднесе кривична пријава против Ременски за разрешувањето и директорите кои се разрешени ќе поднесат жалби до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Смета дека, како што вели, незаконското постапување на Ременски значи дека директорите по секоја цена морало да бидат разрешени и заменети, како што посочува со непрофесионални кадри од нејзината партија.
– Сред новогодишни и божикни празници техничката министерка подмолно нуди менаџерски договори на директори како изговор за нивно разрешување. Во моментов 15 семејства страдаат поради политички реваншизам на Фросина Ременски. Го прекрши Законот за Владата на Република Македонија и заборави дека нејзината примарна функција како технички министер е во насока на спроведување на Законот и спроведување на избори а не за политички одмазди и воведување општ хаос во политиките за вработување, хаос во функционирањето на институциите и кочење на проекти во интерес на граѓаните, вели заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Спасов: Предвидени се голем број проекти за подобрување на животниот стандард на граѓаните
-
СДСМ и Ременски немаат никаков кредибилитет да говорат за пензионерите
-
Никој во земјава не се чувствува безбедно: Чаушите во СДСМ организираа криминално–полициска местенка и медиумски линч на Диме Спасов
-
Дебело досие и дебели лаги: Криминалецот Динарица во одбрана на Спасовски