Македонската ракометна репрезентација ќе отпатува на Европското првенство во Краков без пораз во подготовките. Ацо Јоноски, како еден од најискусните во нашиот национален тим, е задоволен од добрата игра во подготвителниот период и очекува „црвено-жолтите“ да заиграат уште подобро на шампионатот.
-Во составот во изминатиот период видов и неколку млади ракометари, секој доби шанса да покаже колку може. Јасно е дека мора да почне да се подмладува репрезентацијата, бидејќи дел од нас од веќе се наоѓаме на залез на репрезентативните кариери, треба да се остави и помладите да играат. Одигравме квалитетно во подготвителниот период, не претрпевме пораз и тоа ни дава самодоверба пред следните предизвици. Мислам дека можеме да играме уште подобро кога станува збор за одбраната, на стартот од првиот меч со Црна Гора влеговме лабаво, млитаво, можеби и поради фактот дека ни беше прв домашен натпревар, но знам дека можеме да ја кренеме играта на уште повисоко ниво. Имаме уште резерви како во одбраната, така и во нападот и очекувам најдобрите партии да ги покажеме онаму каде што треба, на ЕП во Полска – истакнува Јоноски.
Репрезентативците утре ќе заминат за Полска каде што ќе одржат тренинзи во пресрет на петочниот премиерен дуел против селекцијата на Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.