| четврток, 6 декември 2018 |

Горан Трајковски е нов директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци

Goran-Trajkovski-int117-740x320-top

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 85. седница ја прифати одлуката со која се предлага Горан Трајковски да биде назначен за директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Пратениците од опозицијата беа против бидејќи, како што посочија, Трајковски е назначен на оваа функција како награда за тоа што со години бил верен извршител на власта, додека парламентарното мнозинство оцени дека се работи за стручна и компетентна личност со исклучително професионален ангажман.

Во претпладневниот дел од расправата беа усвоени и измените на Одлуката за избор на претседатели, заменици претседатели и членови на собраниските комисии,  како и измените на Одлуката за основање на пратенички групи за соработка со парламентите на други држави.

Пратениците ја донесоа и одлуката за избор на член на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

По редовната едночасовна пауза, Собранието ќе продолжи со расправа по Предлог одлуката за избор на членови на Комисијата за заштита од дискриминација, како и Предлог одлуката за избор на претседател, потпретседател и членови на Анкетната комисија за случајот со фабриката за фалсификување лични карти, пасоши, афери и други документи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top