Православните христијани на Бадник, вечерта спроти Божиќ, во домот внесуваат бадниково гранче, односно го украсуваат домот со бадникови гранки, кои всушност се дабови гранчиња.
Традицијата на украсување на домот со бадниковото гранче се забележува уште од 4-от век. Бадниковото гранче, кое го симболизира здравјето, ги слави животот и вечната среќа. Тоа е гранче од дабово дрво, а во дамнешните времиња овие дрвја се сметале за најиздржливи и за највековити. За разлика од другите листопадни дрва, со почетокот на есента листовите од дабот ја менуваат својата боја, но повеќето од нив се задржуваат на гранките во текот на зимата. Според народните верувања, токму со ова дрво праведниот Јосиф запалил оган за да ги затопли штотуку родениот Исус и неговата мајка Марија.
Бадниковото гранче се нарекува и дрво на животот, исто како она дрво на животот во рајот што симболично дава вечност. Како што дабовото дрво најдолго држи жар, така оној што ќе си постави во домот верува дека го чека вечен живот дури и по смртта. Бидејќи дабот симболизира долговечност, здравје и издржливост народните верувања велат дека со внесување на дабовите гранчиња во домот неговите особини ќе се пренесат на сите оние луѓе што живеат во тој дом.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.