Советот за заштита на потрошувачи на Град Скопје, кој функционира веќе две години, е градско тело каде секој незадоволен потрошувач може да побара заштита ако добие неквалитетна услуга од јавно претпријатие или од приватна фирма или ако купи производ што не одговара на загарантираниот квалитет.
Стотина жалби од незадоволни корисници, најмногу за високи сметки, стасале во текот на 2015 година до ова градско тело.
– Примивме 48 поплаки за испорака на топлинска енергија, од кои 38 се однесуваа на високи сметки, една на договорот, а останатите беа реакции или по друга основа. За „Водовод“ ни стасаа 26 жалби, во најголем дел за високи сметки, за „Kомунална хигиена“ – три, а за јавниот превоз осум жалби. Од нив три беа за приватните превозници, една за ЈСП, а останатите за такси-превозот. Седум граѓани се пожалија на услугите на паркиралиштата кои се под „Градски паркинг“ или „Паркинзи на Општина Центар“. Останатите жалби се однесуваа на телекомуникациските услуги, фиксната телефонија и на кабелските оператори. Мал дел од поплаките се за производители на облека, купени апарати и друго – за Дневник објасни претседателот на Советот на потрошувачите, Марјан Додовски, кој е член и на Советот на Скопје.
Во годишниот извештај надлежните објаснуваат дека голем број жалби од потрошувачите имале во почетокот на годината кога настана проблемот со одредени оператори кои еднострано ги сменија пакетите на телевизиски услуги без да им биде понудена можност на потрошувачите да го раскинат договорот ако не им одговараат новите услови. Проблемот бил решен со донесување на новиот правилник од страна на АЕK, со кој на потрошувачите им била дадена можност да го раскинат договорот ако операторот го промени пакетот на услуги, односно ТВ-каналите.
Во делот на испораката на електрична енергија потрошувачитете се почувствувале оштетени од високите сметки, за кои сметале дека се паушално одредени.
За јавните услуги најголем број поплаки се однесувале на испораката на топлинска енергија и испораката на вода за пиење.Незадоволните граѓани од неквалитетно дадени услуги или купени производи кои сакаат помош може да напишат жалба до Советот за заштита на потрошувачите на електронска адреса potrosuvaci@skopje.gov.mk или, пак, да се јават во Градот Скопје.
Повеќе информации за овој совет може да се прочитаат на www.skopje.gov.mk каде што се наоѓа посебен банер – Совет за заштита на потрошувачите.
Членовите на Советот ќе ја прочитаат поплаката и во зависност од проблемот ќе ги контактираат граѓаните за да им договорат средба со надлежните.
Потрошувачи освен овој совет, на располагање го имаат и Советот на потрошувачи при Владата, општинските совети на потрошувачи, Државниот пазарен инспекторат и Организацијата на потрошувачите (ОПМ).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.