Православниот свет денеска го слави свети Наум, познат како исцелител и просветител на македонскиот народ.
Денеска именден празнуваат: Наум, Наумче, Науме, Наумка… Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело Канон за апостолот Андреј, а се знае за уште други два канона напишани од него Канон на Архангел Михаил и Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст.
Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив.
Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па се до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.
Набрзо по смртта, Наум бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот, а култот за него започнал да се шири во Македонија, како и во Бугарија, Албанија, Грција. Во посланието на охридскиот архиепископ Јосиф од 21 мај 1740 година се вели дека „чудата и благодатите на Свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“. Сепак, првите легенди и преданија за неговите чуда биле објавени во втората половина на 19 век. Во 1925 година, српскиот епископ во Охрид владиката Николај, издал книшка со триесет чуда, преданија и кажувања за св. Наум, пишувајќи дека „св. Наум е почитуван и живее како опомена и совест во душите на луѓето“. Во една легенда се вели дека охридскиот цар му го изградил манастирот на св. Наум, додека во друга легенда, запишана од Бранислав Нушиќ се вели дека манастирот бил царски дворец кој св. Наум го добил како подарок за излекувањето на царската ќерка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.