| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ ја објави оригиналната верзија на „Совети и раскази од Кекавмен“

Друштвото за издавачка дејност МАКЕДОНИКА литера од Скопје, неодамна ја објави книгата „Совети и раскази од Кекавмен“ од Јован Белчовски.

Во ова издание се објавени оригиналната верзија на книгата од византискиот период „Совети и раскази“ од Кекавмен и преводот на проф. д-р Јован Белчовски, кој како вовед приложува обемна студија во која пишува за тогашната општествено-политичка констелација, за авторот, за неговите користени извори, за содржината на ракописот на Кекавмен, како и за неговите истражувачи. Ова е прва презентација на ова познато дело на Кекавмен на македонски јазик.

Книгата „Совети и раскази“, чиј автор е Кекавмен, е пишувана од 1075 до 1078 година, и претставува една вистинска слика на општествено-политичките и економските состојби во Византиската Империја во X и во XI век. Авторот пишува за многу области од животот – за состојбите во градовите, политичките и идејните борби меѓу странките, посебно помеѓу аристократијата од престолнината и провинциската воена класа – кои се во постојани конфликти. Кекавмен е насочен кон еден широк дијапазон од најразновидна животна проблематика: државата, битот, нормите, моралот и обичаите, семејните односи, правниот живот, службите, домаќинството, војните и востанијата, црквата и религијата, суеверијата и воопшто нивото на културата во епохата. Кон сите тие животни области авторот има свои погледи и дава свој суд. Животот во семејството е прикажан во сите негови нијанси и сегменти. Самиот полковник и внук на полковници, Кекавмен имал големо познавање за воената проблематика, за составот на армијата, начинот на војување, одбраната на крепостите, опремата и вооружувањето на војската, опсадните орудија итн. Тој пишува и за многу значајни настани поврзани и со владеењето на цар Самоил на македонската територија.

Ракописот бил напишан во Трапезунт – најјужните брегови на Црното Море. Оттаму бил однесен во манастирот Ивирон на Св. Гора и таму го пронашол рускиот учен Арсениј Суханов. Тој го однесол во Москва и денес се наоѓа во Патријаршиската библиотека. Тоа е единствениот познат сочуван ракопис, а претставува прв или втор препис од оригиналот.

Делото на Кекавмен – „Совети и Раскази“, во ништо не заостанува зад трудовите на неговите современици од престолнината: Јован Скилица, неговиот продолжувач – Кедрин, Јова Зонара, Михаил Аталијат, Михаил Псел и др. Тој живеел, работел и творел во провинција, па неговото дело не било експонирано, но затоа, Кекавмен детално го прикажува животот во провинцијата. Затоа се смета дека неговото дело најдобро го расветлува животот во балканските провинции во X и XI век. Меѓу провинциската буржоазија, книжевното дело Кекавмен го има приматот, но тој и престолнината ја прикажува со сите нејзини противречности и слабости.

Со трудот на Кекавмен, се занимавале доста византолози, како што се: Василевски, Лемер, Литаврин, Ернштет, Н. Бенеску, Баклер, Е. Франчес, Е. Шилбах, Јапонецот Кин-ичи Ватанабе, советските ерменисти Р. М. Бартикијан и К. Н. Јузбашјан и други. Од проучувањата на овие хроничари на епохата, како и критичките осврти што ги даваат за нив современите византолози, се добива многу јасна, кристална и комплексна слика за животот и состојбите на балканските простори во X и XI век.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top