105 лични карти што „Фокус“ му ги предаде на министерот за внатрешни Оливер Спасовски, биле направени во погонот за фалсификати, објави телевизија „Алфа“ повикувајќи се на извори во истрагата.
-Освен 105 те лични карти, нашиот извор посочува дека во компјутерите и запленетите материјали постоеле урнеци за изработка на уште неколку илјади фалсификувани лични документи. Јавното обвинителство веќе и официјално потврди дека полицијата при претресите запленила и машини, преси, секачи и друга опрема за производство на фалсификат документи, опремата е иста со која биле направени и пасошите кои пред извесен приод се појавија во јавноста преку дел од медиумите – објави телевизијата.
Истрага за фалсификуваните лични карти отвори министерот Спасовски, откако „Фокус“ му ги предаде сомнителните документи.
– Важно е да имаме квалитет не е важно да брзаме за ден, два или за пет дена како што ќе рече господинот Чавков да ја затвориме истрагата и да кажеме дека таму нема ништо – изјави министерот Спасовски во интервју за „Телма“.
Засега за овој случај обвинителството има осомничено три лица. Прво осомничениот е член на СДСМ, потврди лидерот на оваа партија.
– Тој е член на СДСМ и тој е сликан во канцеларијата моја во која што работам. Нема бегање од таа работа ниту, пак, некој се плаши – изјави Зоран Заев, лидерот на СДСМ, во интервју на „Телма“.
Обвинителството вештачи и 70.000 разговори, кои ги пронајде во компјутерот на првоосомничениот. Сè уште се утврдува како десетици илјади телефонски разговори стигнале во неговиот компјутер. Фабриката за фалсификати располагала со 120.000 лични податоци на граѓани но и лажни странски банкарски сметки на актуелни и поранешни функционери, лажни имотни листови, како и фалсификувани бугарски пасоши.
Во меѓувреме во јавноста се појавија фотографии, на еден од осомничен и со министерот Спасовски. Тој пак ниту одрече ниту потврди дека лично се познаваат.
-Имам контакт со многу граѓани и од оваа позиција и од позицијата која што претходно ја имав и тоа не е важно. Важно е дека се води истрага против секој еден кој е осомничен за криминал – рече министерот на прес-конференција.
Истрагата треба да открие што им бил мотив на фалсификаторите, каква била природата на контактите што ги имале со лица од дома и во странство, дали целта на погонот и фалсификаторите била само да фабрикуваат афери што ќе бидат пласирани во предизборието, или се работи за голем меѓународен криминал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.