| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјанец фалсификувал документи за 100 евра

Шеесетгодишен скопјанец пет години изработувал фалсификувани исправи од повеќе институции и ги продавал за 1.000 до 6.000 денари за што од МВР доби кривична пријава.

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје го предаде А.М. (60) од Скопје, поради основи на сомнение дека во периодот 2012-2017 година во повеќе случаи го сторил кривично дело “фалсификување исправа”, предвидено и казниво по член 378 од КЗ, соопшти полицијата.

Тој во периодот од 2012 година наваму, во Скопје, откако претходно набавил соодветна опрема за изработување фалсификувани документи, на повеќе лица државјани на Република Македонија, на лица со живеалиште и престојувалиште во странство, како и на странски државјани, на нивно барање, откако ќе му ги дале личните податоци, им изработувал разни лажни јавни исправи со невистинита содржина на лажни обрасци наводно издадени и заверени со печат и потпис од државни и јавни институции .

Пријавениот иако знаел дека изработката и издавањето лични документи, судски решенија, пресуди, договори за купопродажба на моторно возило, свидетелства од образовни институции, сертификати, медицинска документација и други јавни исправи се изработуваат, заверуваат и издаваат исклучиво од органот што ги издава, за паричен надомест во износ од 1.000 до 6.000 денари (во зависност од документот што требало да го направи) тој во временски период од речиси пет години за повеќе лица изработил, заверил и издал фалсификувани исправи.

По добиеното оперативно сознание дека пријавениот изработува фалсификувани јавни исправи, а со наредба на Основен суд Скопје 1 – Скопје, завчера е извршен претрес во домот на пријавениот.

Притоа пронајдени се и одземени компјутер, преносен компјутер, пластифицирана фолија, бланко пластични картички за изработка на лични карти, возачки дозволи и слично, скенер, печатар, електронски уред за печатење и пластифицирање лични карти и возачки дозволи, изводи наводно издадени и заверени со потпис и печат од Управата за водење на матични книги, судски решенија, како и пресуди наводно издадени и заверени со потпис и печат од Основен суд Скопје 1 Скопје, документи наводно издадени и заверени со потпис и печат од МВР, нотарски печати, сертификати, уверенија за завршено образование и други јавни исправи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top