| четврток, 6 декември 2018 |

„Брима“: 34 отсто од Македонците очекуваат 2016 година да биде подобра од лани

­ Во Македонија 34 проценти од граѓаните се надеваат дека годината што почна ќе биде подобра од минатата, а 25 проценти со оптимизам очекуваат дека 2016 ќе биде година на економски просперитет. Во годината што измина среќни се чувствувале 51 процент од македонските граѓани, покажуваат резултатите од теренската анкета што од 3 до 11 ноември лани ја спроведе истражувачката агенција „Брима“ на репрезентативен примерок од 1.209 испитаници.

svecena akdemija vmro 2014 zname makedonija (Large)

 

Во резултатите е наведено дека надежта, економскиот оптимизам и среќата во Македонија и во регионот се пониски од глобалниот просек. Покрај 51 процент од граѓаните во Македонија кои рекле дека се чувствуваат среќни, 11 проценти се изјасниле како несреќни, 35 проценти ниту среќни ниту несреќни и два проценти немале одговор.

Индексот на нето среќата во Македонија изнесува 40 проценти и е понизок за 16 проценти од глобалниот просек. Во регионот, како и во Македонија, стои во извештајот, нето среќата е со позитивен предзнак, но во целиот регион е пониска од глобалниот просек. Со повисок износ на нето среќа од Македонија се Косово со 49 проценти, Словенија со 48 проценти, Србија со 43 проценти, Босна и Херцеговина со 41 проценти, а е значително понизок во Бугарија, 30 проценти, а многу понизок во Грција, каде изнесува девет проценти, се наведува во резултатите од глобалното истражување на Брима „Крајот на годината ­ надеж и среќа“.

На прашањето дали годинава ќе биде подобра или полоша од 2015 година, 34 проценти од испитаниците во Македонија се со надеж дека 2016 ќе биде подобра наспроти 25 проценти кои сметаат дека ќе биде полоша, 36 проценти навеле дека ќе биде иста, а пет проценти немаат одреден одговор. Индексот на нето надеж во Македонија изнесува девет проценти и е помал за 29 проценти од глобалниот просек. Со позитивен нето износ на надеж од регионот е и Косово со 24 проценти, а останатите се со негативен, Грција,­ 28 проценти, Босна и Херцеговина, ­23 проценти, Словенија, ­шест проценти, Србија, ­три проценти, и Бугарија, ­еден процент.

Според истражувањето, 30 проценти од граѓаните на Македонија сметаат дека годинава ќе се влоши економскиот просперитет, 25 проценти дека ќе се подобри, 38 проценти оцениле дека ќе остане непроменет, а седум проценти немаат одреден одговор. Индексот на нето економски оптимизам во Македонија е со негативен предзнак и изнесува минус пет проценти и во однос на глобалниот просек апсолутната разлика изнесува 28 проценти. Единствена држава во регионот со позитивен предзнак кај економскиот оптимизам е Косово, со 12 проценти, а кај останатите, како и во Македонија, со негативен, во Грција, ­65 проценти, во Босна и Херцеговина, ­34 проценти, Србија, ­17 проценти, а во Словенија и Бугарија со по минус 11 проценти.

Промените на барометарот во Република Македонија покажуваат дека надежите за 2015 година биле помалку присутни, односно нето износот на надежта тогаш изнесувал проценти, а надежите дека 2016 година ќе биде биде подобра од 2015 пораснале на 9 проценти. Во исто време, индексот на економскиот оптимизам за 2016 се намалил од негативните ­ 12 проценти, колку што изнесувал во 2015, на минус пет во 2016 година.

Барометарот на среќата во Македонија бележи пад на нето износот на среќата од 43 проценти во 2014 на 40 проценти во текот на 2015 година.

Барометарот на надежта и на среќата покажува дека во просек 66 проценти од граѓани на светот во текот на 2015 година се чувствувале среќни, 54 проценти се надеваат дека новата година ќе биде подобра од 2015 година и 45 проценти со оптимизам очекуваат дека оваа година ќе биде година на економски просперитет.

Во истражувањето топ десет оптимистички среќни држави според индексот на надеж се Бангладеш, Кина, Нигерија, Фиџи, Мароко, Саудиска Арабија, Виетнам, Архентина, Индија и Пакистан. Според индексот на економски оптимизам, најоптимистички се Нигерија, Бангладеш, Кина, Виетнам, Пакистан, Индија, Мароко, Фиџи, Саудиска Арабија и Аргентина. Гледано според индексот на среќа, пак, најдобро рангирани се Колумбија, Фиџи, Саудиска Арабија, Азербејџан, Виетнам, Аргентина, Панама, Мексико, Еквадор и Тајланд.

Како најпесимистички/најнесреќни држави, според индексот на надеж, се наведени Италија, Ирак, Грција, палестински територии, БиХ, Либан, Тунис, Авганистан, Белгија, Мексико. Грција, Австрија, Италија, Шведска, Хонг Конг, Ирак, Јужна Африка, Тунис, Германија, Финска, се десетте најпесимистички држави рангирани според индексот на економски оптимизам, а според индексот на среќа, Ирак, Тунис, Грција, Авганистан, палестински територии, Гана, Хонг Конг, Бугарија, Конго, Франција и Италија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top