| четврток, 6 декември 2018 |

Абе: Потребен е самит со Путин за решавање на територијалниот спор

Јапонскиот премиер Шинѕо Абе денеска изјави дека е потребно да се одржи самит со рускиот претседател Владимир Путин за да се реши територијалниот спор поради четирите острови што Русија ги зазеде во 1945 година, поради што двете земји никогаш не потпишаа мировен договор.

Станува збор за островите северно од јапонскиот остров Хокаидо, кои Јапонците ги нарекуваат Северни Територии.

– И едните и другите признаваме дека не е нормално што 70 години по завршување на војната немаме потпишано мировен договор. Меѓутоа, без самит со Путин, проблемот со Северните Територии не мо`е да се реши – истакна Абе.

Тој оцени дека многу е важно Русија да има конструктивна улога во борбата против тероризмот и кризите во Иран и во Сирија.

Абе од стапувањето на должност кон крајот на 2012 година се обидува да ги поправи односите со Русија, но судирот во Украина и другите прашања ги компликуваат таквите напори. Неколку планирани посети на Путин на Јапонија се откажани поради незадоволството на Западот од улогата на Русија во тие кризи.

Јапонскиот премиер истакна дека односите меѓу Јапонија со Кина и со Јужна Кореја се нормализираат по самитот во Сеул.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top