| четврток, 6 декември 2018 |

Македонците најмногу на зимување во Банско и Боровец

bansko-bulgaria

Банско и Боровец во Бугарија и годинава се топ дестинации каде што македонските граѓани ќе зимуваат, додека интересот за Копаоник и за Златибор во Србија е помал.

Се нудат разни аранжмани за сместување во хотели со вклучени спа центри до вили целосно опремени, а во некои од нив има и сауни. Цените се различни во зависност од аранжманот, категоријата на хотелот, понудата и временскиот период, но во просек се движат околу 30 евра од лице за полупансион.

Сепак, туристичките агенции велат дека аранжманите за Банско се најмногу барани, по што следуваат понудите за Боровец и Пампорово кои исто така се познати зимски туристички центри во Бугарија.

Причината за тоа што македонските граѓани се повеќе заинтересирани за зимување во Бугарија отколку во соседна Србија се пониските цени на аранжманите.

– Главно граѓаните се интересираат за Банско, но и за Боровец. Цените се слични како минатата година, а и интересот е горе-долу ист како лани, велат од туристичката агенција „Атлас Корпорејшн“.

За Копаоник и Златибор позаинтересирани се младите, но и таму понудата е богата со хотели со аll inclusive, а има можност и за наем на студија и апартмани.

– За Копаоник се интересираат повеќе младите, но за тоа ќе видиме по новогодишните празници. Цените варираат, обично околу празниците се повисоки, а потоа зависи, но слични се како минатата година, истакнуваат од туристичката агенција „Орфеј“.

Од домашните туристички центри некои од агенциите го нудат Крушево каде во зависност од временскиот период може да се најде апартман од 1.000 до 1.200 денари.

Дел од оние што нема да имаат можност да заминат на зимување во соседна Бугарија или Србија, ќе ги посетат домашните зимски туристички центри како Попова Шапка и Маврово

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top