„Шилото на вистината“, метафората што досега го одбележи периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, излегува пред очите на јавноста. Никој не останува слеп за вистината, ниту надвор, ниту внатре во СДСМ. Шилото го продупчи патот од „најдобро чуваниот бункер“ на СДСМ до јавноста. Социјалдемократскиот „Форт Нокс“, сепак, не бил на Павел Шатев, како што говореше Зоран Заев, туку по домовите на членови на СДСМ. На адреси на лица по кои има распишани потерници, а кои Зоки ги прима на вечерни седенки во канцеларија во куси панталони и влечки.
Прашањето што дури и опозиционерите си го поставуваат сега не е дали „разните крими-чауши, чудните опскурни ликови од некогашните удбашки структури, превртливите апаратчици и сплеткари“ се „змијата во пазувите на опозицијата“, како што ги нарекува Бранко Героски барајќи, наводно, СДСМ да расчисти со нив, туку како дојде до тоа македонската опозиција да ја предводат токму такви структури?
Ако се суди според зборовите на „главата“ на СДСМ, што, впрочем, е многу тешко поради неговите контрадикторности, „власта ги снимала граѓаните“, а потоа таа, нели, ги дала на чување кај човек што е баран со потерница, а истиот тој во куси панталони и влечки, ноќе, седи и се фотографира со лидерот на опозицијата!? Та, нели, секој кого Заев, како и сега, го повикува да достави материјали за „криминалите на власта“ заслужува една насмеана фотографија заедно со него за да се зачува споменот од таа плодотворна средба. Објаснувањето на Заев не помина ниту кај најревносните поддржувачи, а не помина ниту кај неговите најблиски соработници.
Вакво сценарио не поминува ниту кај неговиот партиски секретар, техничкиот министер на полицијата Оливер Спасовски. Тој, пак, се огради не само од прашањето дали криминалците контактирале со Заев, туку се огради и од функцијата генерален секретар на партијата посочувајќи ја како „позиција што ја имав претходно“.
Тоа што во целиот случај недостига во јавноста (барем до оваа среда навечер, кога е пишуван овој текст) е најголемата поддршка на Заев – неговата десна рака Радмила Шекеринска. Ја нема да се изјасни за настаните за аферата што, како што се чини, ќе го дозакопа рејтингот на СДСМ. Шекеринска ја нема подолг период, ја немаше ниту за скандалот „Израел“, ја немаше да го коментира рејтингот на партијата, ја нема ниту сега, што е несвојствено за жената што „се заложила Заев да биде претседател на СДСМ“.
Но, ниту Спасовски ниту Шекеринска ниту кој било од раководството на СДСМ, заедно со ликовите од извртената сценографија при пресовите на Заев кога емитуваше монтирани материјали, а сега седат на заменички министерски места или се дел од нивната администрација, не може и не смее да се дозволи да избегаат од одговорноста за случајот „Фабрика за афери“.
Та, нели, затоа седнаа во власта, за да расчистат со евентуалните афери, без да помислат дека истрагата брзо ќе стигне до нивните порти. Исто како што Заев вели за фотографиите со Чауш – „Нема бегање од тоа“.
Фабричка лента
Сценариото со лажните лични карти е идентично со тоа со евентуалните фалсификувани пасоши – никогаш не беа пуштени во оптек, за двете имаше ист „извор“ за протекување во јавноста, а разликата меѓу двата случаја е тоа што неделникот „Фокус“ и новинарот, кои се во блиски врски до СДСМ, овој пат ги однесоа стотината фалсификати на лични карти во МВР.
На идентичноста на случаите потсети и поранешната министерка Гордана Јанкуловска, а доскорашниот министер на полицијата, сега дополнителен заменик на „техничарот“ Спасовски, за минатиот број на „Република“ навести дека има индиции за исто потекло на личните документи. Лани ,сепак, аферата требаше да ја намали довербата во веќе изминатите изборите. Сега требаше да ја разниша довербата во нив уште при подготовката, за да се има алиби за прескокнување на изборите.
Техничкиот министер Спасовски за случајот со кој седна во министерската фотелја замолчи и сакаше да се скрие зад евентуален протокол „да не открива детали од истрагата“. Сепак, тоа што го криеше Спасовски беше сознанието дека и самиот тој, како и неговиот лидер, контактирал и се фотографирал со личности по кои требаше да трагаат припадниците на државниот орган што сега го предводи.
Според информациите, Спасовски не само што контактирал со нив, посредно и непосредно, туку се обидел и да се протне кај доказните материјали во случајот воден од обвинителството. Но, министерската функција не му ги отвори вратите. Та не се сите обвинители специјални, како Катица, па да може партиски кадар да им диктира и оценува услови.
Кога го најави случајот, Спасовски, веројатно, не ни помислуваше дека некој друг, освен него, ќе може да ја „тера“ истрагата. Веројатно паметот му бил презафатен со нарачките кого да вдоми во министерството, за новите кадровска измени, како и со караниците во партијата зашто тој продолжува да биде и министер и генерален секретар.
Сценарио
Секако, за „фабриката за афери“ сценариото било воспоставено од поодамна. Судејќи по материјалите во одземените компјутери од домот на Захир Бекири – Чауш, папката со 70 илјади прислушувани телефонски разговори била отворена во септември.
Тоа што дополнително ја компликува ситуацијата во која се најде СДСМ е повторното вмешување на странски држави – со фалсификување бугарски документи, банкарски документи од Швајцарија, па Србија, каде што лицето Зоран Божиновски се крие од македонскиот прогон. Токму тој од таму и ги најави продолженијата на циркусот наречен „Бомби“.
Додека Зоран Заев за случајот „Пуч“, случајот за закани и за уцени врз македонскиот премиер со материјали, како што самиот посочува, што му биле од странство, успеа да се „протне“ и да биде преземен од специјалната обвинителка Јанева, таа го побара и Верушевски, кој е главен во тој случај. За потсетување, еден од двајцата што по налог на Верушевски незаконски ги снимале разговорите го призна делото и е осуден.
Барајќи спас од „судот што не го признава“, фабриката за афери на Заев сега требаше однадвор да го продолжи тој циркус. Божиновски на неколку пати досега се обиде преку социјалните медиуми да „протне“ евентуални странски банкарски документи со имиња на лица од врвот на власта, како евентуален криминал. Откако обвинителството објави дека од „фабриката“ биле одземени фалсификувани обрасци од сметки во швајцарски банки, на кои требало да се вметнат имињата на функционери за да може да бидат обвинувани за незаконски милионски трансакции, врската е многу јасна.
Тоа што не е јасно е што мислеше Заев, каде ќе го одведе сето тоа? Дека ќе му го зголеми рејтингот? Дека ќе ја намали поддршката на ВМРО- ДПМНЕ? Дека со такви ликови ќе „донесе слобода и демократија“? Дека „пријателите од надвор“ ќе му прогледаат низ прсти и овој пат? Дека, можеби, тоа ќе нѐ увери дека „власта ги снимала разговорите“?
Љубчо Георгиевски, поранешниот премиер и доскорашен соборец на СДСМ, кој и на „своја кожа“ искуси афера со прислушување, уште во април во телевизиско интервју посочи дека главен „снимач“ на разговорите е токму СДСМ. Дури и дека тројцата што со Заев се обвинети во „Пуч“ – Верушевски, Костовски и Лазаревски се тие што на „јадица“ го уловиле раководството на СДСМ.
– Јас сум 90 проценти убеден, еве оставам 10 проценти, дека тој дел во кој се министри и функционери на ВМРО е снимано од СДСМ… Каква е врската меѓу тие тројца, Верушевски, Костовски и Лазаревски со делови и структури на СДСМ, не можам до крај да ви кажам, но дел од раководството ја фаќа таа јадица. Таа тројка е истата тројка што го отвори „Големото уво“ – посочи Георгиевски.
Истрагата на обвинителството тивко и без помпа предизвика крах на „првата странска инвестиција на СДСМ“. „Фабриката за афери“ заминува во стечај, така како што во стечај заминува и овој СДСМ.
Зошто и како се дозволи во врвот на СДСМ да се налепат „чудни опскурни ликови од некогашните удбашки структури“, е прашање што неизбежно мора да биде решено, а потоа и да одговараат за сите дела. За партијата да остане партија. Изборите што се најавени во април може да бидат одлична појдовна точка. Да се види на дело дека ваквите потези на опозицијата се погубни, а потоа на мир да се посветат кон подигнување на СДСМ како политичка партија.
За да нема и натаму „Вистина“, со која шилото од некои нови бункери би изнел на виделина нов срам за државата, народот, граѓаните, гласачите. Срам за сите.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 173. број на неделникот „Република“, 25.12.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.