Порастот на индустриското производство во ноември од 11,1 процент претставува продолжување на стабилниот и континуиран раст што го имаме веќе подолг период, а краток период беше запрен поради политичката криза, оцени денеска премиерот Никола Груевски.
Порастот, како што посочи, е показател дека има исправни политики во делот на поддршка на економијата и реформи кои даваат резултати.
– Веќе долг период имаме висок пораст на индустриското производство. Имаше само прекин од неколку месеци во екот на политичката криза, но по нејзиното завршување продолжуваат високите стапки на раст. Токму порастот на индустриското производство ветува дека ќе има зголемување на вработеноста и отворање нови работни места во земјава, како и зголемување на извозот – изјави Груевски во одговор на новинарско прашање по потпишувањето договори за грантови од вториот повик на Фондот за иновации.
Нагласи дека тоа значи и дека економијата е на вистинскиот пат и дека треба да се продолжи и продлабочи зацртаниот и трасиран пат на развој и поддршка.
Посочи дека стапката на раст на индустриското производство е солидна и на годишно ниво и изнесува 4,4 проценти.
– Тоа е солиден пораст кој влијае на севкупниот раст на БДП кој во првите три квартали од годинава е 3,4 проценти. Очекуваме заклучно со четвртиот квартал, чии резултати ќе ги имаме во март или април, да имаме раст на БДП од 3,5 или можеби малку повеќе од планираните 3,5 проценти. Тоа е висок пораст и еден од првите седум-осум во Европа, а индустриското производство е еден од сегментите кој дава значителен придонес за овој пораст – потенцира Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.