| четврток, 6 декември 2018 |

Околу Лавеци ќе се кршат копјата во зимскиот преоден рок

ezekiel laveci

Аргентинскиот офанзивен играч за врска, Езекиел Лавеци се очекува да биде еден од главните ѕвезди во јануарскиот преоден рок. Тој игра променливо во ПСЖ и го загуби првотимскиот статус по доаѓањето на неговиот сонародник Анхел Ди Марија. Затоа е подготвен да замине од Париз, но се двоуми каде ќе ја продолжи кариерата. Неговиот договор со ПСЖ му истекува следното лето, и францускиот шампион ќе се обиде да го продаде уште сега за да може да заработи на него. За Лавеци сериозно се заинтересирани дури три големи фудбалски гиганти. Откако беше обелоденето дека Барселона веќе стапила во конакт со неговиот менаџер, за неговите услуги покажаа интерес и италијанските клубови Интер и Јувентус.

Овие денови Лавеци заедно со своите сонародници од Јужна Америка ќе отпатува на одмор во Доха, добивајќи ден повеќе за одмор од својот клуб ПСЖ. Тоа ќе се обиде да го искористи тренерот на Интер Роберто Манчини и ќе отпатува во Катар да се сретне со фудбалерот и да го убеди да го облече сино-црниот дрес.
Сепак, основен проблем би можеле да бидат неговите примања, кои изнесуваат 4,5 милиони евра годишно, што Интер не може да си ги дозволи. Јувентус е заинтересиран за овој фудбалер, меѓутоа со тек на време тој интерес се намали, затоа што „бјанконерите“ се насочија кон ангажман на играч од средниот ред.

Од друга страна, проблем во целата оваа трансфер сага ќе биде неговиот поранешен клуб Наполи. Тренерот на „наполитанците“ Маурицио Сари добил наредба од првиот човек на клубот, Аурелио де Лаурентис, да го врати Лавеци на „Сан Паоло“, а и самиот фудбалер не ја крие љубовта кон Наполи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top