Специјалната обвинителка Kатица Јанева го нема пасошот што го понуди како гаранција дека Зоран Верушевски, првообвинетиот во „Пуч“, за кој во петокот се согласи да му биде укинат притворот, нема да ја напушти државата, објави весникот „Дневник“.
Наместо пасош, како што и побараа од Kривичниот суд во неделата, од специјалното јавно обвинителство најавија дека ќе пратат само известување до Судот за тоа од каде и се податоците од патната исправа на Верушевски. Од друга страна, до затворањето на бројот „Дневник“ не добил информација дека Kривичниот совет заседавал по новиот одговор на Јанева. Верушевски, до одлуката на Советот, како што потврдиле од Основниот Суд Скопје 1, останува во притвор бидејќи добил ново продолжување на мерката пред само една недела. Имено, Kривичниот совет на Судот на 21 декември донел одлука да му го продолжи притворот на Верушевски за уште 30 дена.
– Не постојат законски рокови кога Kривичниот совет треба да ја донесе одлуката за притворот. Таа ќе биде донесена кога ќе бидат исполнети законските претпоставки. За лицето Зоран Верушевски последен пат притворот е продолжен на 21 декември 2015 година во рок од 30 дена – ни одговорија од Kривичниот суд Скопје 1 – Скопје.
Одбраната на Верушевски и на Ѓорѓи Лазаревски, исто така обвинет во „Пуч“, минатата недела поднела предлог за укинување на нивниот притвор. Јанева како надлежна обвинителка во петокот се согласи за укинување на притворот за што го известила Судот и даде предлог тој да биде заменет со домашен притвор и со забрана за напуштање на државата.
– Kривичниот совет, постапувајќи по предлозите на обвинетите, во кои не е наведено ниту предложено одземање патна исправа, како и по даденото мислење на специјалната обвинителка, во кое се наведуваат точни податоци за патни исправи со датуми на важност, кои се наведува да бидат одземени, но со оглед на тоа што обвинителката не го известила Kривичниот совет како ги добила овие податоци ниту, пак, ги доставила патните исправи за кои предлага да се одземат, Kривичниот совет се обрати до неа за да ги достави наведените патни исправи како би можел да одлучи по однос на предлозите и доставеното мислење – одговорија од Судот во неделата попладне за барањата на одбраната и Јанева.
Таа вчера ни потврди дека ги нема патните исправи што и ги побара Судот.
– Податоците за патните исправи се добиени по пат на службени проверки, што, ве уверуваме, не е невообичаена пракса. До Судот ќе биде испратено известување дека податоците се добиени на овој начин и дека ние не ги поседуваме патните исправи поради што не сме во можност да ги доставиме до Судот – ни одговорија вчера од СЈО.
Специјалната обвинителка не даде образложение во јавноста зашто смета дека притворот за обвинет за тешки кривични дела против државата, како што е шпионажата, треба да се брани од слобода. Затоа, пак, од известувањето на Судот за мислењето на Јанева стои дека таа се повикала на тоа што Верушевски повеќе не можел да влијае на сведоците во предметот, што е еден од основите за притвор. Јанева образложила дека единствениот сведок веќе бил сослушан, па не можело да се влијае на него. Ваквото образложение, според експертите, е малку чудно имајќи предвид дека за предметот „Пуч“, каде што е обвинет и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, с` уште не е одржана главна расправа. Ако имало сослушување сведок, велат правниците, тогаш тоа било во рамките на истрагата, и тоа од страна на обвинителот што го водел предметот, што не значи дека на судењето за „Пуч“ нема да има нови сведоци на кои Верушевски би можел да влијае.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.