| четврток, 6 декември 2018 |

Целта е освојување на Лигата на шампионите

За мене нема одмор бидејќи морам поинтензивно и индивидуално да тренирам и да се вратам во формата од пред тешката повреда. Со враќањето на репрезентативките од Светското првенство влегуваме во пеколен ритам за да се стигне до посакуваната цел. Нѐ чекаат уште потешки натпревари со Букурешт, Будуќност и со Сафехоф

Македонската ракометарка Сара Ристовска, која е член на македонскиот шампион ЖРК Вардар, и репрезентативка на Македонија, иако доста млада, има доверба од клубот и од стручниот штаб за натпреварите во Лигата на шампионите. Оваа сезона имаше одлично деби и беше прогласена за дебитант на колото во натпреварот со Хипо. Добива сѐ поголема минутажа, а довербата ја оправда во мечот со Митјиланд, но немаше среќа и се повреди. Сега е подготвена за враќање на терените и за остварувањето на најголемиот успех на Вардар, освојување на Лигата на шампионите.

 

Ова лето направи трансфер во ЖРК Вардар. Преоѓањето од Металург во Вардар предизвика лавина реакции. Како се соочи со тоа и дали доаѓањето во редовите на македонскиот шампион и лут ривал е вистински потег за тебе во кариерата?

Ристовска: Точно е дека преминав во лутиот ривал на мојот поранешен клуб. Секако предизвика реакции во јавноста, но мислам дека сѐ брзо се заврши. Искрено, очекувано беше да преминам во клуб кој има поголеми амбиции, бидејќи во моментов Металург не е на исто рамниште со Вардар. Секако, на моја возраст трансферот во екипа која е во самиот европски врв е вистински потег и е добра средина за мене, за напредување во кариерата и за успех на клупски план. Јас лично го чувствувам напредокот, имам можност да играм во Лигата на шампионите и да настапувам во екипа која е составена од светски ракометни ѕвезди.

Sara-Ristovska-sp172-4

Како се снајде во новата средина и како ти помогнаа новите соиграчки, управата и стручниот штаб за што полесно да се вклопиш во екипата во која има големи светски ѕвезди?

Ристовска: Сите во тимот одлично ме прифатија. На почетокот имав проблем бидејќи имав многу трема затоа што не знаев како ќе се вклопам. Работам со врвни колешки кои поминале сѐ во кариерите, сѐ она што мене допрва ми следува со макотрпна работа. Имаме одлични услови за работа, стручниот штаб работи на високо ниво, секоја од ракометарките работи и индивидуално со нив. Се укажува на грешките и на добрите работи. Многу може да се научи од сите во тимот, го црпам искуството што го стекнале на теренот, но и надвор од него. Со нивна помош и со дружењето ќе го изградам својот карактер и ќе станам вистински професионалец.

 

Играш на позиција на десно крило, а на таа позиција неприкосновена е Јованка Радичевиќ. Колку може да се научи од една од најдобрите светски ракометарки?

Ристовска: Од самиот почеток на мојата ракометна кариера, и откако веќе ја знаев мојата позиција во тимот, од самиот старт почнав да ја следам Јованка Радичевиќ. Таа е мојот идол и фаворит од најмали нозе. Ги следев речиси сите нејзини натпревари. Гледајќи ја на големите натпреварувања ѝ се воодушевував. Вистински професионалец. Преубаво е чувството да тренираш и работиш со својот идол. Многу може да се научи од неа, секако тоа го користам и се надевам дека еден ден во кариерата ќе ја достигнам. Многу ми помага бидејќи играме на иста позиција, и уште сега можам да кажам дека сум достојна замена за неа.

 

Сѐ повеќе добиваш минутажа од Индира Кастратовиќ. Досега одлично ја оправдуваш довербата. Одигра одличен натпревар против Митјиланд, но потоа се повреди. Кои се твоите цели за оваа сезона?

Ристовска: Работам напорно и се трудам да ги одработам тренинзите како што се бара од мене. Секако настојувам повеќе да играм и да добијам повеќе минутажа во еден натпревар. Досега сум задоволна од тоа што го одиграв, иако отсуствував околу еден месец поради повредата. Мислам дека одлично ги искористувам минутите што ми ги даде стручниот штаб. На натпреварот со Митјиланд се повредив, иако дотогаш одиграв супер натпревар и постигнав три гола. Сега се враќам на тренинзите, повредата е минато и ќе имам доволно време да бидам подготвена за втората рунда во Лигата на шампионите. Посакувам да можам да го дадам максимумот до крајот на сезоната во обид да стигнеме чекор повеќе во најелитното натпреварување.

Sara-Ristovska-sp172-3

Две години по ред Вардар игра на фајналфорот во Будимпешта. Од разговорите со тренерот и со дел од ракометарките, целта за оваа сезона е искачување скалило погоре или можеби и самата европска титула?

Ристовска: Целта и желбите на сите во клубот од управата преку стручниот штаб и ракометарките е да се искачиме еден чекор повеќе и да играме во финалето. Тренираме напорно и единствена цел ни е финалето и освојување на Лигата на шампионите. Имаме квалитет, имаме разбирање и оваа екипа има посебна хемија и тимски дух. Функционираме одлично и надвор од теренот и како што викаат, „трета среќа“ и искачување на пиедесталот во Европа.

 

Го следиш светското првенство во Данска кое се игра во моментов. Бројни ракометарки на Вардар играат во самата завршница. Како ги оценуваш нивните настапи и според тебе, која репрезентација досега ти остави најголем впечаток или пријатно изненадување?

Ристовска: Ги следам натпреварите на светското првенство колку што ми дозволува времето. Имаше доста изненадувања на овој шампионат од условно „помалите“ репрезентации. Тоа докажува дека нема фаворити и аутсајдери со што го прават првенството поинтересно. Секој секого може да победи. Репрезентацијата на Франција најмногу ја следам бидејќи играат моите колешки Амандин Лејно и Сираба Дембеле. Тие ми се фаворити за освојување на првенството иако и домаќинот Данска како и Црна Гора можат да стигнат до титулата.

 

На репрезентативен план, Македонија каска во место повеќе години наназад. Сега со новиот селектор и со подмладувањето на репрезентација, ти си една од главните играчи во тимот. Може ли да се очекува нашата земја да се врати на старите патеки од пред 10-15 години кога беше редовен учесник на големите натпреварувања?

Ристовска: Оваа година има доста подмладување во нашата репрезентација. Имаме нов селектор кој сака да создаде база од млади ракометарки кои понатаму за неколку години ќе го водат главниот збор во националниот состав. Треба доста работа бидејќи сите сме млади и неискусни. Имаме голема поддршка од Елена Ѓорѓиевска, која е најискусна во репрезентацијата и нѐ води кон правиот пат како да се стигне до успехот. Мислам дека доколку имаме поголеми можности и повеќе натпревари и време за подготовки, би можеле да се обидеме да се вратиме на старите патеки кога Македонија беше редовен учесник на големите натпреварувања. За тоа треба голема поддршка од Федерацијата која секогаш била тука за да ни помогне. Мора да имаме повеќе собири, повеќе пријателски меѓународни натпревари пред да се одиграат едни квалификации, но ние младите сме желни да ги повториме успесите.

Sara-Ristovska-sp172-2

Следуваат неколку дена пауза и потоа на 28 декември се враќате на тренинзи за да се подготвите што подобро за вториот дел од сезоната во Лигата на шампионите. Како ќе ги поминеш слободните денови?

Ристовска: Овие десетина дена што ќе ги добиеме како одмор, не смееме да си дозволиме да се отпуштиме. Сите сме сложни дека мора што поподготвени да ја дочекаме следната фаза. За мене нема одмор бидејќи морам поинтезивно и индивидуално да тренирам и да се вратам во формата од пред тешката повреда. Со враќањето на репрезентативките од Светското првенство влегуваме во пеколен ритам за да се стигне до посакуваната цел. Нè чекаат уште потешки натпревари со Букурешт, Будуќност и со Сафехоф. Не смее да се случи грешка на домашен терен и треба со поголема поддршка од навивачите најпрвин да се стигнеме до четвртфиналето. Претстојните празници ќе ги поминеме работно бидејќи веќе на почетокот на јануари продолжуваме во Лигата на шампионите во првиот натпревар на домашен терен со Букурешт.

 

На крајот од годината сме. Освен трансферот во Вардар, по што друго ќе ја паметиш годината?

Ристовска: Освен трансферот што го направив во Вардар, за одбележување е тоа што бев прогласена за најдобар дебитант во Лигата на шампионите во натпреварот против Хипо оваа сезона во Лигата на шампионите. Летово учествувавме на Младинското светско првенство во Шпанија и, со малку повеќе среќа, можеше да ја поминеме и групната фаза. Сите сме поискусни за едно големо натпреварување и се надевам дека тоа ќе го искористиме во настапите за сениорската репрезентација.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Сара Ристовска е објавено во 172. број на неделникот Република, 18.12.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top