| четврток, 6 декември 2018 |

Дејтонскиот договор останува

Договорот, барем во сегашната форма, е крајно неправеден и неверојатно тежок за спроведување. Никогаш не требаше да трае толку долго, па дури и тие што се задолжени за негово спроведување жалат дека нема датум за истекување или ревизија. Но, во блиска иднина, Дејтонскиот договор е тука за да остане, благодарение на недостигот од политичка волја да се најде прифатлива алтернатива

Дваесет години откако Дејтонскиот договор стави крај на три и полгодишната брутална војна и етничко чистење во Босна и Херцеговина, еден мировен договор сѐ уште функционира како Устав на земјата. Повеќе од една деценија, постои консензус меѓу странците дека Дејтонскиот договор не е погоден за водење на државата, која се стреми да биде полноправна членка на евроатлантскиот либерално-демократски свет.

Босна има за цел да стане дел и од Европската унија (речиси единственото нешто во што се согласува нејзината поделена политичка елита) и во НАТО. Дејтонскиот договор, барем во сегашната форма, е крајно неправеден и неверојатно тежок за спроведување. Никогаш не требаше да трае толку долго, па дури и тие што се задолжени за негово спроведување жалат дека нема датум за истекување или ревизија. Но, во блиска иднина, Дејтонскиот договор е тука за да остане, благодарение на недостигот на политичка волја да се најде прифатлива алтернатива.

Меѓународната заедница, сега предводена од Европската унија, а не од САД, ефикасно го призна тоа со нов пристап кон развојот на Босна и Херцеговина, кој се базира на економска, а не на уставна реформа. Со оглед на утврдените позиции на етнонационалистичката елита во земјата, која се развива врз основа на спонзорирани мрежи и ги злоупотребува стравувањата за враќање на конфликтот, Дејтонскиот договор, можеби, е најповолната опција за управување и за водење на државата.

Потпишан во Париз на 14 декември 1995 година, Дејтонскиот договор имаше клучна цел: да стави крај на тригодишната војна во Босна. Во војната загинаа околу 100.000 луѓе и се раселија повеќе од два милиона. Четириесет и четиримесечната опсада на Сараево и масакрот во Сребреница (каде што загинаа 8.000 луѓе) беа особено ужасни епизоди. Сликите од немоќни затвореници зад бодливата жица во заробенички кампови разбудија сеќавање на Втората светска војна во модерна Европа. Договорот беше изработен од Ричард Холбрук, главен преговарач на претседателот Клинтон и помошник на државниот секретар, како и сериозна и решителна фигура, личност каква што недостига во договорите меѓу меѓународната заедница и Босна во текот на изминатата деценија.

Дејтонскиот договор ги раздели завојуваните страни во земјата: муслиманите (Бошњаците) и Хрватите на една страна, и Србите, на друга. Договорот призна две територии со приближно еднаква површина: Република Српска и Муслиманско-хрватската Федерација, во која спаѓа поголем дел од населението. Овие два ентитета сега се ефикасни автономни региони со сопствена влада. Во постдејтонското движење во 1996 година, Федерацијата дополнително се подели на десет кантони за да се запре уште една војна што избувна меѓу Бошњаците и Хрватите.

Резултатот е тежок систем на владеење со повеќе нивоа. Со континуирана етничка нетрпеливост и со индивидуалната алчност на политичарите и на службениците, Дејтонскиот договор лесно може да се злоупотреби. Како што ми објасни еден пратеник Бошњак, „Дејтонскиот договор дава алатки за развој, но, исто така, и многу алатки за блокирање, кои се посилни“. Во 2013 година се појавија демонстрации по безизлезната положба меѓу нивоата на власта, каде што на новороденчињата не им се издаваше матичен број потребен да патуваат во странство за итна здравствена грижа. Детето поради кое беа организирани демонстрациите на крајот умре.

По Дејтонскиот договор беше формиран Интернационален совет од 55 земји и организации за да го надгледува неговото спроведување, под раководство на „висок претставник“. Но, откако мандатот на Британецот Педи Ешдаун на таа позиција заврши во 2006 година, меѓународната заедница се повлече надевајќи се дека домашните политичари ќе ја преземат водечката улога во реформирањето на тој масивен систем. САД се повлекоа за да се фокусираат на други, поитни региони. Резултатот беше една деценија стагнација и зголемување на националистичката реторика.

– Во текот на изминатата деценија ние назадувавме, но се плашам од алтернативите – вели Аднан Хускиќ, политички аналитичар од Босна.

– Сѐ уште сме против нив, како што е со години. Постојат непомирливи позиции, исто како пред војната. Не верувам во капацитетот на политичката елита да дојде до подобро решение, и не гледам како би го направила тоа. Дејтонскиот договор го направи тоа за што беше наменет и не беше однапред познато дали ќе се постигне мир или дали ќе биде одржлив – вели еден западен дипломат.

– Но, мировен договор за прекин на војната не е исто што и договор што создава основа за современо, динамично, плуралистичко европско општество. Државното претседателство ротира на секои осум месеци, постојат тринаесет министерства за образование и 150 министри во земја од четири милиони жители. Земјата има премногу министри, а премалку лидери – вели тој.

Покрај тоа, Дејтонскиот договор експлицитно ги негира политичките права на некои од граѓаните на Босна. Со години, со право или не, меѓународната заедница го посочуваше случајот „Сејдиќ-Финци“ како најголемиот проблем на сегашниот систем. Сејдиќ и Финци се Босанци од еврејската и од ромската етничка заедница, кои успешно го предизвикаа Дејтонскиот устав во Европскиот суд за човекови права, особено одредбата дека тричленото државно претседателство и членство на Горниот дом на парламентот се посветени само на граѓаните што се декларираат како Бошњаци, Срби или Хрвати. Тоа, во суштина, ги лишува од право сите други етнички групи, вклучително и Босанците што ги избегнуваат етно-религиозните етикети. Но, обидите за промена на пресудата за случајот „Сејдиќ-Финци“ не успеаја, по што следуваа напорни договарања во однос на други прашања.

Друг недостиг во претседателскиот систем е тоа што претседателот Хрват, во повеќе наврати, беше избран со бошњачки гласови бидејќи и двете етнички групи гласаат заедно во Федерацијата. Тоа ги поттикна Хрватите да се жалат дека не можат да изберат свој претседател и некои повикуваа на создавање трета, хрватска, поддржава за да се реши тој проблем. Во ноември 2015 година, Педи Ешдаун го посочи тоа движење како еден од факторите што ја водат земјата кон „идеална бура“ и можно повторување на 1992 година.

– Ние веќе имаме доволно проблеми со два ентитета, замислете како би било со три – вели еден Бошњак, член на парламентот.

За многумина од несрпското население во земјата постоењето на Република Српска е најголема навреда во Дејтонскиот договор. Тие гледаат на ентитетот како производ и награда за етничко чистење и геноцид, со одреден степен на оправдување. За време на војната, босанските Срби, со помош на Југословенската народна армија, во која доминираа Србите, си создадоа територија преку безмилосно етничко чистење; сега голем дел од таа територија ѝ припаѓа на Република Српска.

Човекот што најчесто е обвинуван за спречување на функционалноста на Босна е Милорад Додик, агресивниот претседател на Република Српска, кој редовно бара поголема автономија или дури и независност. Тој во неколку наврати ги предизвика државните институции и ја доведе во прашање одржливоста на Босна и Херцеговина.

Оваа година, Додик повика на два референдума: дали државните судови треба да имаат надлежност во Република Српска и дали таа треба целосно да се отцепи доколку не се исполнат тие барања. И двете барања беа неуставни (т.е. законски недопустливи во согласност со Дејтонскиот договор) и тивко се напушти датумот за првиот референдум. Вториот треба да се одржи во 2018 година.

Додик се гледа како најголема закана за интегритетот и за стабилноста на Босна, но тој инсистира на тоа дека тој само ги завардува гаранциите за српската автономија загарантирани со Дејтонскиот договор.

Извори од Бања Лука, де факто, главниот град на Република Српска, укажуваат дека неговата националистичка реторика не се темели на вистинска желба за независност, туку дека тој само сака да ја зацврсти поддршката откако извојува тесна победа на изборите во 2014 година. Тоа е, исто така, мотивирано од загриженоста за тоа каква корупција може да открие поцврстиот централен судски систем во Република Српска.

И покрај повиците да се укине Република Српска од некои бошњачки политичари и други што сакаат унитарна држава, таа останува. Британскиот амбасадор Едвард Фергусон, важен лик, кој има водечка улога во спроведување на реформите под мандат на ЕУ, ги опишува таквите повици како неприфатливи исто колку и српските обиди за потценување на државните судски институции и за отцепување.

Додека Додик, се чини, е најочигледен националист демагог, политичарите од сите три етнички заедници добро научиле како да го експлоатираат системот. Спонзорството и клиентелизмот ги има во изобилство, а јавната администрација и државните претпријатија се преполни со политички назначени лица. Стравот од губење на работното место ги држи гласачите да бидат лојални на етнонационалистичките партии, додека една половина од електоратот останува далеку од изборите.

– Системот создаде тврдина од политичари што добија легитимност на изборите со помош на фрлање пари кај одредени социјални категории и со превработеност во државната апаратура и во државните претпријатија – вели Хускиќ.

– Ако сакате парадигматски случај на државна контрола, не гледајте подалеку.

Во една провокативна статија по антивладините протести во почетокот на 2014 година, поранешниот британски амбасадор во Сараево, Чарлс Крафорд сугерираше дека бошњачката елита и огромното мнозинство што има корист од врските со неа е исто толку виновно за неуспесите на земјата колку и Србите. Крафорд смета дека економски успешна, слободна и помалку крута Федерација ќе ги охрабри Србите да се откажат од својот отпор за унитарна држава.

dayton-agreement-map-bih-svet172-2

Покровителските врски се далеку од несекојдневни во посткомунистичките општества и кај пазарите во развој и би било нефер целата вина да се стави на Дејтонскиот договор. Но, владејачкиот систем и етничкиот елемент во Босна го прави сценариото поопасно и покомпликувано. Невработеноста на младите е повисока од 60 проценти – највисока стапка во светот – и сѐ поголем број сиромашни млади луѓе разочарани од владејачката политика се покажуваат како плодна почва за радикален ислам и покрај предоминантната босанска традиција на умереност и на секуларизам.

Со тешкотиите за промена на системот на Дејтонскиот договор и итната потреба од работни места, ЕУ почна нова стратегија за Босна во 2014 година. Усвоен од Босна во 2015 година, новиот пристап се обидува да промовира економска либерализација место борба со трнливи уставни прашања. Наградата за реформите е подобрување на пристапниот процес на Босна и Херцеговина кон ЕУ и поддршката од меѓународните финансиски институции, како ММФ.

Покрај целта за зголемување на вработеноста и на порастот, дипломатите отворено кажуваат дека една од целите на „агендата за реформи“ е да се намали јавната администрација и да се намали бројот на државни претпријатија, да се ослабат структурите што ги чуваат етнонационалистичките политичари. Тие се надеваат дека побогата, економски успешна Босна, со поголем приватен сектор што ќе тргува со сите етнички линии, ќе биде поподготвена да се соочи со уставните реформи и да ја отфрли националистичката реторика. Дали елитата ќе ги прифати економските реформи што конкретно целат кон нивните бази на моќ е, сепак, под знак прашалник.

Во поширока смисла, меѓународната заедница се повлече од радикалните промени на Дејтонскиот договор и покрај многуте негови недостатоци.

– Ако има политичка волја, системот може да работи – вели еден дипломат.

Мислам дека понекогаш сме виновни за прекумерна идеологија. Менувањето на Дејтонскиот договор не е предуслов за членство во ЕУ, со неколку исклучоци како случајот „Сејдиќ-Финци“. Системот може да проработи, со добра волја.

Повиците за Канцеларијата на високиот претставник да си ја врати активната улога во Босна – дури и до степен на укинување на Република Српска, ако Додик ја пречекори линијата – најверојатно нема да бидат послушани, освен ако безбедносната ситуација не се влоши значително. Иако има широко распространето сфаќање дека ОХР олабавила премногу брзо по 2006 година, дипломатскиот консензус сега е дека промената мора да дојде однатре, иако со привлечната надворешна поддршка од ЕУ и со парите од меѓународните финансиски институции. Однатре – и од Дејтонскиот договор.

 

Из­вор: „Форин полиси“
Пре­вод: Ана Цве­та­но­ска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top