| четврток, 6 декември 2018 |

Се подобрува безбедноста на храната

храна
Потрошувачите помалу се жалат на небезбедна храна, а државата активно работи на зајакнување на капацитетите за превенција, контрола и проценка на ризици во овој сегмент.
Ова го истакнаа учесниците на денешната конститутивна седница на Националниот совет за безбедност на храна и храна за животни кој се формира на иницијатива на Агенцијата за храна и ветеринарство согласно европските искуства.
Во Советот членуваат 19 релевантни институции, експерти и претставници на невладиниот сектор, а неговото формирање, освен научната фела, го поздрави и бизнис заедницата.
­-Советот ќе се фокусира на секој дел од безбедноста на храната и актуелните проблеми. Ќе работи на предизвиците за да се отстранат сите евентуални ризици. Целта е нивна проценка, анализа и менаџирање – изјави директорот на АХВ и претседавач со Советот Зоран Поповски и додаде дека ова е можност, научната фела и надлежните институции да дадат максимален придонес за заштита на луѓето преку безбедноста на храната.
Со планираните активности, нагласи, опфатени ќе бидат хемиските, физичките и биолошките агенси и аспекти.
­-Формирањето на Советот е голем чин во насока на натамошно зајакнување на капацитетите на Македонија за побезбедна, здравствено исправна храна. Посебно импозантен е составот на Советот во кој членуваат најрелевантните институции и експерти. Тие секако ќе дадат голем придонес во работата – оцени деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна Драги Димитриевски.
Според Стопанската комора на Македонија, формирањето на Советот е многу важно за деловната заедницата.
­-Во денешни услови кога е тешко да се борите со конкуренцијата дома и во странство, многу е важно да немате проблем со здрав или нездрав производ кој сигурно би имал финансиски импликации врз компаниите – истакна Васко Ристовски од Комората.
Преку Советот, подвлече Ристовски, ќе се избегнат проблемите од ваков тип што позитивно ќе делува на работата на домашните фирмите.
Организацијата на потрошувачи (ОПМ) во Советот гледа можност за отворен дијалог и дискусија, можност да се увиди што е потребно за поголема безбедност на храната и, исто така, да се утврдат ризиците.
­- Преку нашата комуникација со потрошувачите и натаму ќе бидеме мост меѓу АХВ и Националнииот совет за да се оди понатаму во испитувањата на сегментите кои се вид ризици. Со тоа што сме и ние член на Советот, силно се препознава потребата да се освренеме на здравјето на потрошувачите и нивната подобра информираност – изјави претседателката на ОПМ Маријана Лончар.

Националниот совет за безбедност на храна и храна за животни ќе се состанува четири пати годишно, а доколку има потреба и повеќе. Како што подвлече директорот на АХВ Поповски, ваков модел веќе функционира во Европа од 2002 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top