| четврток, 6 декември 2018 |

Хотелите полни за Нова година, најмногу гости од соседните земји

ohrid

Охридско­струшкиот регион ќе биде полн со гости за новогодишните празници. Поголемите хотелски капацитети се комплетно исполнети, а мал е и бројот на слободни легла во помалите, информира денеска претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески.

Најголем дел од гостите, според него, се од соседните земји, од Бугарија, Грција, Албанија, Србија и мал дел од Црна Гора. ­

-Тоа се традиционално гостите кои ја посетуваат оваа дестинација за Нова година. Подготовките се при крај. Мислам дека ќе се направи убава новогодишна атмосфера и Охрид и Струга, но и останатите градови ќе бидат интересни дестинации за дочек на новогодишните празници. На 1 јануари го организираме традиционалниот ручек со лебеди на плажата пред хотел „Дрим“, што сметам дека е дополнителна атракција за туристите- рече Блажески.

Во некои помали хотели, истакна Блажески, се останати мал број легла, за кои се надева дека во текот на неделава ќе бидат потполнети. Покрај странците за празниците очекува и голем број домашни гости. Најприсутни на ривиерата деновиве, како што нагласи Блажески, се гостите од Грција, кои го слават католичкиот Божиќ и за нив се подготвува свечена вечера. Дел од стружани пак, новогодишните празници ќе ги поминат во Виена, Милано и Будва.

Според Елизабета Попоска, туристички работник, имало интерес и за Истанбул, Будимпешта и Прага, а годинава прв пат и за Софија.

-­ Задоволни сме од продажбата за Нова година, а потоа и за зимските аранжмани и за Божиќ. Почетокот беше тежок поради безбедносната состојба, но се добро помина- вели Попоска.

Таа посочи дека оди одлично и продажбата на зимските аранжмани, но последните години и за Божиќ. ­ -Божиќ е семеен празник и претежно луѓето сакаат да се дома, но последните години се отвораат, патуваат во потопли дестинации кон Турција, Кападокија и во зимските туристички центри во Македонија и поголем дел во Банско- изјави Попоска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top