| четврток, 6 декември 2018 |

Монографијата „Бранко Ѓорчев“ ќе биде промовирана во Драмски театар

Во Драмски театар-Скопје на 24 декември (четврток), со почеток во 18.30 часот, ќе се одржи промоцијата на монографијата за прерано починатиот актер и директор на НУ Драмски театар, Бранко Ѓорчев. Драмски театар во свое и во име на приредувачот на монографијата, Лилјана Мазова, упати покана до сите пријатели и љубители на театарската уметност за уште едно заслужено потсетување на човечкиот и актерски живот/опус на Бранко Ѓорчев.

Актерот Бранко Ѓорчев на македонската театарска сцена беше присутен повеќе од 30 години, со исклучително плоден и специфичен креативен, длабок и траен актерски израз. На сцената на Драмски театар одигра 46 лика и уште десет на сцената на Македонскиот народен театар и театрите во Куманово, Битола, Струмица…, а во опусот му се запишани и премиери на претстави во Париз и Дубровник (Дубровнички летни игри). Ѓорчев одигра и 26 ликови во ТВ-серии, филмови, драми, документарни и образовни програми.

Во периодот 2000-2002 беше уметнички директор, додека од 2006 до 2013 година беше директор на Драмски театар-Скопје, предаваше ораторство на Правниот факултет и на Универзитетот ЕСРА, добитник е на повеќе театарски награди и признанија, меѓу кои и на државната награда „Климент Охридски“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top