| четврток, 6 декември 2018 |

„Се бориме за секое работно место“ – активност за невработените и за работодавачите

dime-spasov-640x360

Заменик-министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска ја презентираше новата активност „Се бориме за секое работно место“, која ги таргетира и невработените лица и работодавачите и има за цел кариерно советување и давање информации за отворените работни места.

Целта на активноста „Се бориме за секое работно место“ е да се допре до сите активни баратели на работа, да им се понудат слободните работни места и, исто така, да им се понудат мерките за вработување што ги нуди државата.

Сите мерки и активности што Владата ги спроведе изминатиот период придонесоа невработеноста во Македонија да достигне до историско најниско ниво на 25,5 проценти, заклучно со третиот квартал на 2015 година.

-Позитивните резултати нѐ мотивираа да продолжиме со уште поинтензивно темпо – рече Спасов.

-Досегашното искуство говори дека кај невработените лица сѐ уште постои недоволна информираност за информациите што можат да ги добијат во Центрите за вработување, а се однесуваат на активните мерки за вработување – додаде тој.

Токму поради тоа, активноста „Се бориме за секое работно место“, ќе се насочи кон остварување на подобра комуникација со компаниите, а од друга страна ќе ги информира активните баратели на работа за можностите и на мерките за вработување.

Активноста ќе се потпира на два пакета: во првиот пакет е предвидено во соработка со секој од раководителите на Центрите за вработување, АВРМ и Министерството за труд и социјална политика, да се остваруваат интензивни контакти со приватните компании во Македонија и тоа и со домашните и со странските компании.

-Преку форумите за работодавачот кои ќе ги организираме во секоја општина и преку непосредните контакти со компаниите, ќе се обидеме да обезбедиме точни и навремени информации за отворените и за слободните работни места во државата во наредните неколку месеци што можат да се пополнат – објасни Спасов.

Во моментов, според податоците на АВРМ, во Македонија има преку 4.900 слободни работни места во домашните и во странските компании.

-Во зависност од квалификациите што се барани, овие работни места преку вториот пакет на активности ќе ги нудиме на невработените. Предвидено е да продолжиме со отворените денови на Агенцијата за вработување во секоја општина во Република Македонија да ја посетиме со три тима кои ќе бидат составени од Дирекцијата на Агенцијата, директорот на Агенцијата и јас, како дополнителен заменик-министер. Планирано е да ги посетиме сите општини во државата и да организираме форуми со работодавачи, при што ќе бидат поканети сите компании од општината што сакаат да учествуваат – додаде Спасов.

Покрај форумите за работодавачи, планирано е да се одржат и форуми за активни баратели на работа, потоа форуми со невработени лица од 30-40 години и форуми со повозрасни лица кои имаат преку 50 години.

Како втора активност од вториот пакет, е средби на директорите на Центрите за вработување со активните баратели на работа. На овие средби ќе се оствари кариерно советување и презентирање на мерките за невработени лица.

-Секој од директорите на центрите за вработување секој понеделник, среда и петок ќе имаат отворени денови во кои ќе остваруваат средби, презентации и советување со сите активни баратели на работа на териториите на општините кои ги покриваат 30 Центри за вработување – појасни Спасов.

-Целта на оваа мерка, е да се допре до сите активни баратели на работа при што ќе се презентираат можностите што ги нуди приватниот сектор, да се презентираат отворените работни места во државата и 28 мерки од оперативниот план за вработување за 2016 година, преку кои ќе се реализираат околу 710 милиони денари и планирано е да се остварат преку 8.700 вработувања – заклучи Спасов.

Оперативниот план за активни мерки и политики за вработување почнува на почетокот на 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top