Теоретичарот на културни политики и културна дипломатија, дипломат и доктор по археологија, Љубен Тевдовски, е именуван за нов директор на Музејот на град Скопје.
Неговото портфолио опфаќа долгогодишно искуство во невладиниот и културниот сектор и меѓународните односи, како и значајни академски, научни и општествени ангажмани и одговорности. Д-р Тевдовски е познат како иницијатор, протагонист и соработник на повеќе културни организации, институции и проекти во Република Македонија, како и на регионално и меѓународно ниво.
Повеќе од пет години Љубен Тевдовски бил национален координатор за Македонија на Интеркултурелес Центрум од Виена, Националната агенција за Европски програми на Австрија, бил соработник на германската организација за Меѓународни културни размени (International Cultural Youth Exchange), соработник на повеќе УНЕСКО клубови во земјите на Европската Унија, помеѓу организаторите на европскиот проект Поврзување преку културата финансиран од Програмата Култура на Европската Унија, културните проекти „Дионис се враќа во Македонија“ во Охрид и „Ашиковање“ во Сараево, финансирани од Европските програми за култура и млади и многу други меѓународни културни настани.
Публикувал книги, прирачници и научни трудови, како и текстови и анализи во повеќе македонски и меѓународни списанија. Истовремено, Љубен Тевдовски иницијал и учествува во издавањето на едиции на македонска поезија, организирал литературни читања, стрип работилници, театарски претстави, учествувал во значајни археолошки проекти, како и во организирањето и менаџирањето на значајни културни манифестации, како Франкофонскиот фестивал „Солстис“, Етно-фјужн фестивалот, Бит Фест и Индепенденс Фест. Д-р Тевдовски соработувал со различни меѓувладини, меѓународни и национални институции, културни, образовни и граѓански организации.
Помеѓу позначајните институции,организации и влади со кои соработувал или биле иницијатори и поддржувачи на проектите на кои бил ангажиран се: Советот на Европа, UNESCO, ЦЕИ, Пактот за Стабилност, UNICEF, Европската Комисија, Владата на САД, Влада на Шведска, Министерство за еднакви можности, Норвешката влада и Балканскиот фонд, Австриската влада, Федералното Министерство за надворешни работи, Данската влада, Швајцарската федерална влада, Владата на Италија, Hanns Seidel Stiftung, Swiss HorYzon, Влада на СР Германија, Европски Младински Центри-Стразбур и Будимпешта, (TAO) Канцаларијата за Техничка Помош на Европската Комисија за Програми на заедниците, Европска Културна Фондација, Европска Младинска Фондација, Шветската агенција за меѓународен развој (SIDA), Француско-германскиот фонд за соработка, Чарлс Стјуард Мот Фондација, Европски центар за малцински прашања, Француската Алијанса и многу други.
Тевдовски бил и Заменик-директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и бил активно вклучен во подготовката на материјали за музејската поставка на Меморијалниот Центар во Скопје.
Бил активно вклучен во македонската дипломатија на повеќе позиции, од предавач за јавна и културна дипломатија на Дипломатската академија на МНР до Амбасадор на Република Македонија во Канада.
На позицијата директор доаѓа на местото на Љубица Кондијанова, која до јули 2015 ја раководеше институцијата, а во периодот до именување на Тевдовски, функцијата в.д. директор ја извршуваше Томислав Микулчиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


