На 24 декември, четврток во просториите на Кинотека на Македонија со почеток во 12 часот ќе се одржи прeмиерата на документарниот филм „Сведоци: Европа“ во кој се третира егзодусот од Егејска Македонија од перспектива на македонската емиграција во Европа.
Документарниот филм, кој е во режија на Марија Џиџева, е четврто продолжение од серијалот – филмови “Сведоци“ направени во рамките на владиниот проект „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали и разговори со Mакедонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“ кој започна во јули 2010 година од страна на НУ Кинотека на Македонија, во соработка со Институтот за национална историја, здруженијата на деца-бегалци и Mакедонци по потекло од Егејот и други сродни организации, а под супервизија на Министерството за култура на Република Македонија.
Минатата година тимот на проектот сними интервјуа со деца-бегалци од Граѓанската војна во Грција кои денес живеат живеат во Чешка, Полска и Унгарија. Снимките се архивирани во Кинотеката на Македонија, а дел од нив е искористени за изработка на „Сведоци: Европа“.
Од снимените интервјуа во Македонија, во 2012 година беше направен документарниот филм „Сведоци: Македонија“ додека со дел од интервјуата снимени во Канада во 2012 година, беше направен филмот „Сведоци: Канада“ и двата во режија на м-р Атанас Чупоски, чии премиери беа одржани во Кинотека на Македонија, како и на програмата на МРТВ.
Од интервјуата снимени со нашите иселеници во Австралија, односно во Мелбурн, Сиднеј, Канбера и Перт, беше реализиран документарниот филм „Сведоци: Австралија“ овој пат во режија на Марија Џиџева, кој својата премиера ја имаше во април оваа година.
Снимените материјали од овој проект, како историски документи, остануваат архивирани и депонирани во Кинотеката на Македонија и во Институтот за национална историја, а ќе послужат за понатамошни научни истражувања во областа на историјата, географијата и етнологијата, како и за изработка на документарни филмови, објавување научни трудови и монографии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.