| четврток, 6 декември 2018 |

Градот Скопје аплицира за „Европска престолнина на културата“

Во галеријата на Младинскиот културен центар, денеска  се одржува првата меѓународната работилница на тема „Значењето на титулата Европска престолнина на културата и нејзин придонес за културен и општ развој на градот“ на која учествуваа гости од Пловдив, Нови Сад, Љубљана и Ријека, невладини организации и културни институции.

– Град Скопје ја иницираше оваа прва работилница како дел од заложбите и напорите за европска интеграција на градот Скопје како главен град на Република Македонија – земја со повеќегодишен кандидатски статус за Европската Унија. Иницијативниот одбор започна со работа на својата прва конститутивна седница која што се оддржа во октомври 2015 година. Како што повеќето знаете можноста што му се дава на Градот Скопје за аплицирање за титулата „Европска престолнина на културата“ стана достапна во 2014 година со усвојувањето на „Одлуката на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на акцијата на Унијата за Европските престолнини на културата за период од 2020 до 2033 година“. На Скопје, како град којшто доаѓа од земја со кандидатски статус за ЕУ, му остануваат можностите да се пријави на еден од повиците за стекнување на титулата „Европска престолнина на културата“ резервирани за земји со кандидатски статус и тоа во 2024, 2027, 2030 и 2033 година. Свесни сме дека културата се повеќе зема важно место во развојот на градовите во Европската Унија, но исто така свесни сме дека културата претставува двигател на урбаниот, но и социо-економскиот развој на градовите и регионите околу нив. Исто така, за да се оствари оваа цел – стекнување на титулата „Европска престолнина на културата“, освен инфраструктурни и човечки капацитети, потребно е да се покаже и политичка спремност и волја, да се прифатат европските и светските текови и новитети на полето на културата, и третманот на културата како приоритетна област за развој на градот. Искуствата покажале дека иницијативата „Европски престолнина на културата“, прераснала во една од најамбициозните културни иницијативи на Европа, како и една од најмногу почитуваните од страна на европските граѓани. Покрај првобитните цели на иницијативата „Европските престолнини на културата“ со кои меѓудругото се нагласува, богатството и разновидноста на европските култури, градовите кои што биле носители на оваа титула со текот на времето, исто така, имаат додадено и нова димензија, користејќи го двигателното влијание на титулата за стимулирање на нивниот општ развој, изјави градоначалникот Трајановски.

Професор д-р Бранислав Саркањац, член на Иницијативниот одбор „Скопје – Европска претстолнина на културата“ изјави дека се различни искуствата што ги имаат сите градови коишто ја добиле оваа титулата, но придобивките се големи во сите општествени области.

На апликацијата претходеа серија на активности, како што се усвојувањето на „Информацијата за започнување постапка и потребните активности за номинирање на Градот Скопје за „Европска престолнина на културата“ од Советот на Град Скопје на 35-тата седница одржана на 2 декември 2014 година, како и усвојувањето на „Одлуката за формирање Иницијативен одбор „Скопје-Европски град на културата“ на 53-тата седница на Советот на Град Скопје оддржана на 22 септември 2015 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top