| четврток, 6 декември 2018 |

Губитниците сонуваат победа?

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Лидерот на опозицијата на програмскиот конгрес на СДСМ побара од сопартијците да го следат во „финална битка“ за враќање на слободата и на демократијата во Македонија. Додека во говорот објаснуваше дека битката ќе била „за победа на Македонија“, изгледаше како целосно да заборавил дека само неколку часа претходно на јавноста ѝ испрати една сосема поинаква порака во која нагласуваше дека „од второстепено значење е кој ќе биде победник на изборите“. Во таа пригода, исто така, нагласи дека „важно е победникот на изборите да има целосна легитимност“.

Заев во досегашното раководење на партијата не успеа да направи ништо посебно, освен да создаде имиџ на нестабилен човек, кој има голема комоција да дава нелогични изјави, а потоа без никаков срам самиот да ги побива за само неколку часа. Како што минува времето, сѐ појасно е дека кај Заев стравот од надредените е многу поголем од срамот пред граѓаните, па затоа за него нема граница што не би ја поминал во битката за сопствената кожа.

Но, овој пат, нелогичностите на Заев имаат многу допирни точки, колку и да изгледа идиотски да повикува во финална битка во која не е важно дали ќе победи на изборите(!?)

Опозицијата и тоа како е свесна дека не само што има многу слаба поддршка кај граѓаните, туку и драстично ја губи довербата кај тие што на почетокот ѝ веруваа во лагите дека се бори за слобода и за демократија. Ако не им верува на бројките на реномираните агенции за мерење на јавното мислење, тогаш сигурно верува на видеоанкетите на нејзините медиуми. Но, колку и да не сака да го признае тоа јавно, многу добро знае каква е состојбата на терен, па токму поради тоа уште сега се бара решение за излез, во кое овој пат ќе му биде одземена главната улога на Заев поради недостиг на капацитет, и ќе биде предадена на некој друг.

Првичниот план беше да се оди на одложување на изборите, за што силен придонес даваа и пријателите-амбасадори. Максималистичкиот пристап на опозицијата во спроведувањето на договорот од Пржино, очигледно, не се покажа како доволен за реализација на целта, па затоа е сѐ поверојатно дека овој план ќе пропадне. Во секој случај, до 24 април не смеат да се исклучат нови безбедносни предизвици слични на тие во Куманово, кои би можеле сериозно да ја променат ситуацијата. Сепак, ова е најнепосакувано сценарио дури и за „надворешните пријатели“ на Заев поради тоа што, како што видовме во Диво Насеље, тешко може да се контролира и лесно може да го запали целиот регион.

Во второто, многу поочекувано сценарио, кое го најавуваат и опозициските медиуми, главната улога во битката со ВМРО ДПМНЕ треба да ја преземе специјалната обвинителка. Дали Катица Јанева ќе се дрзне отворено да се промовира во продолжена рака на СДСМ, место да дејствува како институција (иако противуставна) што работи во интерес на граѓаните, останува да видиме. Но, како што се чини, Заев и СДСМ не веруваат целосно ниту во нејзината моќ да помогне во подобрување на резултатите од изборите, поради што лидерот на опозицијата веќе си дозволува отворено да зборува за „неважност на изборната победа“. Со други зборови, дури и во случај ВМРО-ДПМНЕ да победи на изборите, ќе се најде начин како повторно да се оспори легитимноста на победникот и уште еднаш да се изигра волјата на граѓаните за СДСМ да дојде на власт. Било преку некаква губитничка коалиција на СДСМ со ДУИ, или преку непризнавање на изборните резултати.

Во секој случај, на Павел Шатев сигурно се свесни дека секое од овие три сценарија води кон сериозна дестабилизација на Македонија од која повторно најголема штета ќе имаат државата и граѓаните, а тоа во никој случај нема да им помогне во поправањето на имиџот. Токму затоа, пред да биде доцна, ќе им дадам еден бесплатен совет на Заев и на раководството на СДСМ: Отстапете го местото на квалитетниот кадар во партијата, кој со години го прогонувате плашејќи се дека ќе ви ги загрози позициите. Обидете се барем еднаш, место да шурувате со странски служби и надворешни центри на моќ, да бидете партнери со граѓаните и да одработите во нивни интерес. Покажете дека искрено стоите зад националните интереси и зад интересите на обичниот човек и јавно осудете ги сите што работат на уништување на македонското национално ткиво. Само така ќе може да се надевате на позитивни резултати на некоја следна анкета.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top