Вечерва (18.12.2015), во фоајето на Македонска опера и балет, со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи триото Игор Иванов – кларинет, Владимир Костов – виолина и Марија Вршкова – пијано. На програма се дела од Берг, Гал, Шуман, Дебиси, Видман.
Игор Иванов е роден во Велес, Република Македонија. Своето музичко образование го започнува на 8 годишна возраст кога почнува да го изучува инструментот блок флејта, а подоцна и инструментот кој станува негова професионална определба – кларинетот. Во 2003 година се запишува на Универзитетот за музичка и драмска уметност во Грац-Австрија (Universität für Musik und Darstelende Kunst Graz), во класата на еминентниот професор Штефан Шилинг. Во текот на своето студирање Игор извесен период работи со неговиот камерен ансамбл („Стравински Октет”), со кој во октомври 2005 година добива можност за снимање аудио издание – ЦД, спонзорирано од Австриската радио телевизија. Додипломските студии ги завршува во јануари, 2009 година, по што го продолжува своето образование со магистерски студии, повторно во класата на професорот Шетфан Шилинг. За време на магистерките студии, учествува во програмата за размена на студенти – Erasmus преку која еден семестар престојува во Цирих каде што посетува посетува часови на Факултетот на уметности во Цирих (Zürcher Hochschule der Künste), во класата на проф. Матиас Милер.
Владимир Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќе пати е избиран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеи во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Џемс Енес, Даниел Мулер Скот). Со овој оркестар тој има неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот – Nationa Arts Centre – Otawa, Lincoлн Center for Performing Arts, Harward University, Берлинска Филхармонија, ,,Gaudeamus“ во Лајпциг, Филхармонијата на Келн, Концертхаус Берлин ,Концертхаус Виена , Шпанија, Полска, Кина и тн. Костов настапува и со оркестарот Исток-Запад во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.
Вршкова негува посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Реализирала повеќе од 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела на македонски и странски автори. Реализирала неколку камерни ЦД-а со истакнати македонски уметници (Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби и Страшо Темков), а во 2010 го издава своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, САД, Бугарија, Србија, Полска, Грција и Австрија, на фестивалите „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Хераклејски вечери“ и други. Како врв во нејзината досегашна уметничка дејност и наградата за уметничко достигнување доделена од страна на меѓународното жири на интернационалниот „Охридски бисери“ во 2009 година и наградата „Виртуози“ за најдобар изведувач за 2012 година.