| четврток, 6 декември 2018 |

Прегазен пешак на улица „Македонија“

На подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција вчера е извршен увид на вкупно 11 сообраќајни незгоди, од кои четири се со последица материјална штета, а шест се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле четворица возачи на патничко моторно возило, тројца сопатници и двајца патници во автобус.

Се случила и една сообраќајка во 16 часот и 15 минути на ул. „Македонија“ во која учествувале патничко моторно возило „фолксваген поло“ со скопски регистарски таблички, управувано од граѓанин на Скопје и пешак, граѓанин на Тетово. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил пешакот.

Од страна на сообраќајната полиција вчера се откриени и санкционирани 58 возачи што не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото, осум возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, односно не отстапиле првенство на минување на возилата во зона на крстосница, како и 26 пешаци, кои поминале надвор од обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено на семафор. Санкционирани се и 11 возачи што не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување на возилото.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот изминатиот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 81 возило, кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај ќе одржи сообраќајна поука со почеток во 19 часот во просториите на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот кои сториле прекршоци по разни основи во својство на возачи.

Денеска со почеток во 10 часот поранешните вработени на „Газела“ ќе одржат мирен протест пред зградата на Владата на Република Македонија.

Во 21 часот во арената „Борис Трајковски“ групата „Љубојна“ ќе одржи концерт, а со почеток во 17 часот и 45 минути во СЦ „Јане Сандански“ во рамките на СЕХА лигата ќе се одигра меѓународен ракометен натпревар меѓу РК Вардар и Спартак, Србија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, како и на вонредните настани, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а во зависност од моменталните состојби можно е и пренасочување на сообраќајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top