Во високо развиените земји, во наставните програми сѐ помалку се користат класичните учебници. Новите наставни програми според „Кембриџ“ се прифатени од учениците и наставниците, а ефектите од истите ќе бидат видливи за неколку години, вели заменик министерот за образование и наука, Сприро Ристовски, во интервју во емисијата „Од наш агол“ на МРТ.
-И тие што сакаат да спечалат по некој политички поен на една ваква состојба се свесни дека тоа што го говорат нема ефек и самите не веруваат во истото, но нормално тоа е во рамки на легитимната политичка битка. Не станува збор за интервентно решение кое го направиле 10 мои соработници и рекле- ова ќе бидат новите наставни програми. Говорам за системски пристап на проблемите, комплетно нови наставни програми со дополнителни реквизити во реализацијата на наставата. При една моја посета на час, учениците беа фасцинирани од тоа како наставата се реализира, тоа е она на децата што ќе им остане во сеќавање и што значи вистинско разбирање на содржината на наставната програма, објснува заменик- министерот Ристовски.
Еден од главните приоритети во иднина ќе биде обезбедување на нови учебници за средно образование со посебен фокус на средното стручно образование, вели Ристовски.
Реформата на средното стручно образование ќе подразбира комплетна реформа на наставните програми од прва до четврта година. Ќе се обезбедат учебници од домашни, но и од странски автори, бидејќи воопшто немало учебници за определени предмети, додава Ристовски.
-Иднината очигледно, посебно во наредните неколку децении ќе биде во делот на средното стручно образование. Ако се земе предвид фактот каков вид на работен кадар им треба и на домашните и на странските компании, логично е дека ќе треба да одговориме на тие потреби. Тие се повеќе бараат лица со техничко образование, независно дали е високо или средно, лица со стручно образование, кои им се неопходни во работните процеси. Во оваа насока ќе биде еден од главните фокуси во наредниот период, нагласи Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.