Собранието на Република Македонија предпладнево, во рамки на 74. седница, ја разгледува информацијата за загадувањето на амбиентниот воздух во Република Македонија поднесен од пратениците од опозицијата.
Васко Ковачевски од СДСМ истакна дека Македонија е најзагадена држава во Европа, и на последно место во заштитата на природата и на природното наследство.
– Македонија е на 141. од 178 испитани земји во светот во заштитата на различните растенија и животните на својата територија. Ситуацијата е алармантна. Според истражувањата на светски портали и институции, како и најголемата светска база на податоци за загадувањето покажува дека Македонија е на прво место според моменталната состојба на загаден воздух во Европа – рече Ковачески.
Тој нагласува дека загадување што го покажуваат и мерните станици, кои бележат и до 20 пати повисоки концентрации на ПМ10 честички од дозволеното, е на загрижувачки високо ниво. Според него, во Македонија годишно умираат околу 1.300 луѓе од загаден воздух. Како едни од причините за загадувањето Ковачески ги истакна палењето на депониите, возилата, несоодветниот огрев…
Пратениците од владејачкото мнозинство ги набројуваа активностите преземени за подобрување на амбиенталниот воздух, како што е набавката на нови автобуси, акцијата за пошумување, како и измивање со калциум и макгнезиумацетат на улиците низ Скопје.
Потребно е да се направи споредба со тоа што има направено СДСМ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ – рече Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ. Информира дека досега набавени се 300 нови автобуси, воведени се интегрирани А и Б дозволи, прскање на скопските улици со калциум-магнезиум-ацетат а како илустрација, Данев рече дека во општина Аеродром се направени и повеќе модерни паркови.
Лилјана Поповска од ДОМ рече дека треба да се направат споредби со други земји како на пример со Кина каде што загадувањето е 200 микрограми на ПМ10 за разлика од Македонија каде има 500-1.000 микрограми. Во Кина, додаде, преземени се итни мерки за спречување додека кај нас не се презема ништо.
Благоја Стојановски од СДСМ побара да не се политизира проблемот со загадувањето и да се преземат конкретни мерки. Праша дали Министерството за животна средина и за просторно планирање во моментов знае колку проценти од кој загадувач е загаден воздухот во Скопје, и побара Министерството да даде листа на загадувачи, како и да се предложат мерки.
Според пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, проблемот со загадувањето не може да се реши преку ноќ. Нагласи дека Министерството за животна средина прави конкретни чекори за решавање на проблемот.
Пратениците ќе ја продолжат расправата за аерозагадувањето по редовната попладневна пауза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.