| четврток, 6 декември 2018 |

Загаденоста во Скопје е ризична по здравјето!

Загаденоста на воздухот е ризична по здравјето на граѓаните! Вечерва е толку загадено што најдобро е воопшто да не излезете од дома.

Загадено е низ цело Скопје, но особено алармантно е во Лисиче. Таму е три пати позагадено од дозволениот максимум! Граѓаните коментираат дека “буквално не се дише“ надвор. Загаденоста е опасна и најголем дел од нив одлучуваат да останат дома наместо буквално да ризикуваат со своето здравје и да бидат сега надвор.

Цели градови се гушат во смог, ветувањето на СДСМ за чист воздух доживува фијаско

Во недостаток на идеи, главно ветување на кандидатите за градоначалници на СДСМ пред локалните избори беше чистиот воздух, но без никакви конкретни мерки како би дошло токму до тој почист воздух. Но, не само што нема ништо од чистиот воздух кој беше ветуван, туку во најголем дел од градовите во Македонија, би можело да се каже и дека е ризично да се излегува од домовите.
Во текот на вчерашниот ден најзагадени градови во Република Македонија беа Битола и Скопје, каде концентрацијата на ПМ 10 честички беше на доста високо ниво.

Во Битола тие изнесуваа 340 мг/м3, додека во скопско Лисиче тие изнесуваа 228 мг/м3.

Наместо конкретни мерки за справување со загадувањето, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој и самиот призна дека нема целосен план за справување со овој проблем, реши да удри директно по џебот на граѓаните, со најава дека ќе се поскапува паркингот во Скопје.

-Една од мерките што ја замисливме е скалесто покачување на паркирањето во центарот за оваа зима и намалување на јавниот билет, додека не дојдеме до состојба на бесплатен јавен превоз, изјави Шилегов.

Од градот Скопје наведоа дека сите мерки за справување со загадувањето се во фаза на предвидување и планирање.

-Планот предвидува краткорочни и среднорочни мерки во однос на загадувањето. Планираме уште зимава да воведеме забрани за градежни активности во најзагадените делови на градот. Предвидуваме и нови политики во јавниот превоз и промоцијата на велосипедизмот, пишаа од градот Скопје.

Но, место кои навистина ќе помогнат за почист воздух, денеска видовме како се сечат дрва во скопската населба Чаир, додека пак градоначалникот кажа дека не знаел дека тоа се правело, иако е под негова ингеренција.

Експертската јавност коментира дека празното ветување со кое СДСМ дојде до гласови на изборите, сега им се удира од глава. Како што велат тие, СДСМ ветуваше чист воздух, но без никаков план и мерки како до тоа би дошле, што може да се види сега.

Инаку освен Скопје и Битола, големо е загадувањето и во другите градови и населени места во Македонија.

Загадувањето ќе ги полни клиниките во декември и јануари

И покрај очигледното зголемување на бројот на пациенти во болници, како резултат на загадувањето на воздухот, лекарите велат дека во декември и јануари, се очекува овој број да се зголеми уште повеќе, објави Алсат-М уште пред неколку дена.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, во текот на зимата, кога нивото на загаденоста е поголемо, 60% од заболувањата кај децата се поврзани со белите дробови и дишните органи, додека оваа бројка кај возрасните е до 20%. Оние кои најмногу страдаат од загадениот воздух се хронично болните, децата и бремените жени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top