Во врска со разликите околу името имаме длабоко чувство дека направивме еден куп компромиси, како што се промена на Уставот, знамето, прифаќање на привремено навредливо име во ОН… Од друга страна, листата на посакувани отстапки изгледа неограничено, додека претходните обврски да не не попречува во НАТО и во ЕУ, се заборавени, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во интервју за „Катимерини“.
– Објаснувањето обично е: ние сме во клубот и вие сакате да се приклучите. Ќе ја платите цената, а во поглед на цената, небото е граница. Искрено, ние не сакаме да имаме таков апсурден спор со соседот, со кој имаме исти стратешки интереси. Тоа е причината зошто учествуваме во процесот. Сепак, за успешен исход треба да ни се даде впечаток дека не ја барате и нашата душа. И вие и ние сме горди народи – изјави Попоски, додавајќи дека „среќата на посилниот (што е во клубот) не треба да се бара врз грбот на соседот“.
Во однос со соработката меѓу Македонија и Грција во врска со кризата со емигрантите и бегалците, шефот на македонската дипломатија вели дека двете земји имаат заедничка цел и дека комуникацијата е подобрена.
– На нашата граница се оставаат економски емигранти да ја каменуваат македонската полиција од грчка територија, без да се преземат никакви мерки да се спречат нивните обиди неконтролирано да влезат во Република Македонија. Ова е несфатливо. Тоа не треба да се случува- нагласи македонскиот министер за надворешни работи, кој во четврток ќе престојува во посета на Атина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.