Намалувањето на бројот на невработени во Македонија се должи на константиот економски раст што земјава го бележи во последниве неколку години, смета Љупчо Давчев, продеканот на Економскиот факултет во Штип.
- Тргнувајќи од Оуконовиот закон кој тврди дека невработеноста е негативно корелирана со БДП, економскиот раст кој македонската економија го остварува последниве неколку години нормално значи и намалување на самата невработеност. Странските инвестиции претставуваат голема категорија преку која се зголемува БДП. Самото зголемување на БДП, пак, значи зголемување на вработеноста или пад на нејзината негативна манифестација, односно невработеноста-изјави Давчев.
Тој посочи дека е сигурно оти и домашните компании имаат влјание врз зголемување на вработеноста, но нагласи дека во последниве неколку години интензивниот раст на странските директни инвестиции можеби има поголемо влијание врз зголемување на БДП.
Државниот завод за статистика објави дека стапката на невработеност во Македонија во третиот квартал од годинава изнесува 25,5 отсто, што е намалување од 1,3 проценти во однос на второто тримесечие кога беше 26,8. Според податоците на оваа институција, бројот на вработени е зголемен за 20.415 лица во однос на истиот период во 2014 година кога имало 690.965 вработени. Од вкупно 954.610 лица кои се вбројуваат во активно население, бројот на вработени во третиот квартал годинава изнесува 711.380 лица, а на невработените 243.230.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.