Играчкиот ростер е истиот, но очигледно тактиката која ја применија тренерскиот двоец Јончевски-Крстевски вроди со плод. По смената на Алеш Пипан на клупата на МЗТ, актуелниот македонски шампион почна да победува.
По победата во домашното првенство над Куманово, МЗТ ја прекина црната серија од шест порази и во АБА лигата.
Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ „сино-белите“ извојуваа висока победа над Унион Олимпија со 81-62 во рамите од 14.коло
Со агресивна одбрана пред се на играчите на надворешните позиции, металците во текот на целиот натпревар го диктираа темпото и со една релаксирана игра, заслужено стигнаа до триумф кој ги оддалечи од дното на табелата.
Расположен за игра беше македонскиот репрезентативец Дамјан Стојановски со 20 поени, двоцифрен број поени имаа и Немања Протиќ 14, Марко Луковиќ 13 и Ѓорѓе Дреновац кој реализираше 12 поени.
Следниот викенд МЗТ Скопје гостува кај Металац и ако успее да ја повтори ваквата игра може да се надева на успех кој уште повеќе ќе ја зацврсти позицијата. Во меѓувреме, во вторник, МЗТ Скопје ќе ѝ гостува на Струмица во одложениот меч од 8. коло од домашната Прва лига.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.