| четврток, 6 декември 2018 |

Грчките полицајци преместија 2300 мигранти од границата со Македонија

Грчката полиција денеска започна операција за преместување на 2300 мигранти кои беа блокирани на нејзината граница со Македонија, откако Скопје започна да ги пропушта селективно само мигрантите од конфликтните точки Сирија, Ирак и Авганистан.

“Близу 2300 странци од различни националности беа преместени во отворени објекти за сместување во Атина со 45 автобуси”, се вели во соопштението на полицијата.

Мигрантите кои се претежно од Пакистан, Сомалија, Мароко, Алжир и Бангладеш, се сместени во неискористен олимписки стадион во главниот град, се вели уште во него.

Според полицијата речиси 350 полицајци за борба со безредијата биле мобилизирани за операцијата за релокација. За време на неа хуманитарни работници во зоната биле замолени да го напуштат местото, а новинарите се држеле на растојание од 3 километри од активностите.

Преместувањето на луѓето помина без инциденти, соопштија уште властите.

За време на операцијата беа отстранети и шаторите, кои ја блокираа главната железничка врска на Грција со Македонија, што овозможи движењето по неа да биде вратено.

“Активностите на железничката линија беа целосно обновени”, објавија властите.

Преминот на грчко-македонската граница Идомени и железничката станица таму беа затворени на 18 ноември од македонските власти а само Сиријците, Авганистанци и Ирачани можеа да помине.

Во Атина мигрантите ќе можат да поднесат документи за азил, но и покрај тоа владата планира да ги репатрира што е можно поскоро. Неодамна Грција врати во Пакистан 50 луѓе, но Исламабад усвои само 20 од нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top