| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: СДСМ сака да избега од избори, валканата игра не им поминува

Премиерот Никола Груевски во интервју за Пресс24 вели дека валканата игра на СДСМ не поминува кај народот и затоа сега опозицијата има проблем.

-Свесни се дека ја немаат ни одблиску довербата на мнозинството граѓани, и поставуваат услови со кои би се обиделе со загушување и притисок на медиумите, како и со надгласување во ДИК да обезбедат малку помал пораз од тој кој анкетите на јавното мислење кои сами си ги нарачуваат им го покажуваат. Значи демократијата на дело. Ете ја. Да има забрана за коментари, да не смее никој да каже за нив ништо, па не е ни чудно што на сите анкети ако го поставите прашањето дали СДСМ би биле подемократска власт од ВМРО-ДПМНЕ, разликата е огромна дека СДСМ би биле многу понедемократска власт. Значи, тие се во агонија, од која прават чекори на очајник барајќи излез. Ги чека тежок пораз, и не знаат како да се справат со тоа. Така е кога една партија својата стратегија ја гради само на еден столб, кога влегува во валкан обид со креирани нелегално стекнати материјали да го победи својот противник, без идеја и програма, без елементарно чувство за државните интереси и интересите на народот. Таа валкана и нечесна игра не помина кај мнозинството од народот и сега имаат проблем. Се вртат кон тие кои ги куражеа, разноразни политички платеници, тезгари и одамна фрустрирани губитници во политиката, и нив ги нема со нова идеја, освен или бегајте од избори, или направете нова манипулација. Кога и тоа нема да им успее, кога ќе се свртат за совет кон истите, на нив ќе им го видат само грбот. Тажна е секоја приказна и завршеток на вакви нечесни игри во кои влезе Заев со свитата. На крајот сите ќе им го свртат грбот, истакна премиерот.

СДСМ, рече Груевски,  преговара со две можни цели, или да биде комплетно како што тие сакаат или ако нема договор да се одложат изборите.

-За ДИК на пример, нивниот напор е или од двата Македонци експерти двата да се скриени нивни членови или подржувачи, или ако тоа не го прифатиме во еден момент да кажат дека заради одолговлекувањето мора да се пристапи кон одлагање на изборите, а ако не се одложат дека тие нема да учествуваат. Истото и за медиумите. Или да се сменат законите онака како што сакаат и под превезот на неутрален да постават партиски човек на чело на Агенцијата за медиуми и на ист начин мнозинство во советот на МРТ, и потоа да почнат пресметка со сите медиуми кои знаат да кажат некоја критика за нив, или се закануваат дека нема да одат на избори, посочи Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top