| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Опозицијата е свесна дека ја нема довербата од граѓаните

Опозицијата е свесна дека ја нема довербата од граѓаните. Притискаат да се прифатат сите нивни барања, а ако тоа не се случи, да се одложат изборите. Ова е ставот на премиерот Груевски во интервју за еден од домашните портали. Во него, премиерот говори за програмата на неговата партија, но и за прашања за безбедноста на земјава.

„Македонија е безбедна колку што е и цела Европа. Сите сме во ист кош и затоа е потребен заеднички и здружен одговор во борбата против тероризмот“- оценка на премиерот Груевски за  безбедносната состојба. По тероризмот во кумановско, бомбите во дворовите на Џафери и на заменик директорот на УБК, апсењето на следбениците на ИСИС како и заканите од членови на ОНА, првиот човек на Владата оценува дека живееме во тензично време.

„Што треба повеќе да се случи за да констатираме дека живееме во исклучително тензично време од безбедносен аспект и во Европа и во Македонија. Но, не смееме ниту да потклекнеме ниту да бегаме од ваквите закани. Треба внимателно да ги третираме и да одиме напред“ – вели Груевски во интервјуто за „Прес24“.

Во однос на дијалогот со СДСМ, премиерот смета дека опозицијата свесна дека ја нема довербата од граѓаните, преговара со две можни цели: или во целост да се прифатат нивните барања или ако не се постигне договор – да се одложат изборите.

„Ги чека тежок пораз, и не знаат како да се справат со тоа. Така е кога една партија својата стратегија ја гради само на еден столб, кога влегува во валкан обид со креирани нелегално стекнати материјали да го победи својот противник, без идеја и програма, без елементарно чувство за државните интереси и интересите на народот. Таа валкана и нечесна игра не помина кај мнозинството од народот и сега имаат проблем“ – вели Груевски.

Во интервјуто премиерот апелира да се престане со политичките поделби и со ширењето говор на омраза. Македонија има иднина – вели Груевски, а за престојните избори ја најави најобемната програма некогаш направена со која ќе истапи неговата партија.

„Тоа ќе биде реална програма, базирана на анализи и реални параметри, но и на идеите на граѓаните кои во моментов ги собираме. Ние ќе делуваме конструктивно, ќе работиме со сета сила, како никогаш досега и јас сум убеден дека ќе победиме на следните избори. Провокации имало и ќе има, подготвени сме и не потценуваме никакви закани, но одиме напред“ – вели Груевски во интервјуто.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top