Доаѓаат ли терористи од ИД преку границата со Мексико? Ова прашање го поставува американскиот весник „Интернешнл бизнис тајмс“ (IBT.) Весникот додава дека со дискусиите за тероризмот, растат и стравувањата од можна исламистичка имиграција од југ.
Во текстот Мајкл Каплан, потсетува на неколку случаи во САД, како случајот со арапите, кои нелегално пристигнале преку Централна Америка. Тој анализата ја илустрира и со репортажа за вооружени волонтери кои ја чуваат границата со Мексико од илегални мигранти.
Мисијата на Забивачот
Тим Фоли неодамна се врати од 10 дневна патролна мисија низ покриената со кактуси и грмушки гранична зона која се протега помеѓу Мексико и американските држави Тексас, Њу Мексико, Аризона и Калифорнија.
Фоли е еден од многуте американци, загрижени за оваа граница, која минува точно 400 метри од неговиот дом. Но, тој исто така е од ретките кои го земале проблемот во свои раце.
Познат по прекарот Забивач, овој 56 годишен поранешен градежен работник е шеф на Аризонската гранична група , група со тешко вооружени доброволци, со високо проодни џипови. Тој ги води во експедиции за нелегално поминување на границата, како и за запирање на протокот на дрога, кое се случува низ пустината во последните пет години.
Тој вели дека неговата група, која нема дозвола или одобрение од владата, уапсила стотици илегални имигранти и нарко курири и ги предала на властите. Но сега тој е повеќе загрижен од можноста активисти на Исламска држава да имаат корист од слабата граница.
– Ние водиме војна против шверцот со дрога и војна против теророт, а тие доаѓаат заедно, ете тука, еве сега, рече Фоли, кој ја нарекува Аризона свој дом.
По терористичките напади минатиот месец во Париз и неодамнешните случувања во Сан Бернардино, Калифорнија, конзервативно настроените гласачи и политичари, подигнаа вознемирени гласови поради можноста, терористи да влезат илегално во САД.
Имигранти од многу далеку, дури и од Кина, преминуваат во најјужниот агол на Тексас (на западниот брег на Мексиканскиот Залив) со години.
Аналитичарите на имиграцијата велат дека тој пат е малку веројатно да го користат терористи и дека е многу поверојатно да го користат очајни бегалци, кои се спасуваат од војни и се со надеж да се сретнат со луѓе од нивните семејства, кои веќе се во САД.
– Има политичари, кои сакаат да ги зголемат стравите од тероризам или веќе успеале во тоа, истакна во Институтот за миграцијата во Вашингтон, Марк Розенблум, заменик-директор на Програмата за имиграциона политика на САД.
– Не сакам да кажам дека воопшто нема проблем, но југозападната граница не е најсериозната ранлива точка во однос на националната безбедност.
Граница под напон
Владата на САД инвестирала милијарди долари во граничната безбедност, меѓу долгогодишни спорови во целата земја за илегалната имиграција. Властите подигнаа стотици милји огради, како и стотици кули за камери и радарски надзор. Тие почнаа исто така да користат и дронови за набљудување на теренот, контролиран од над 21 000 гранични службеници.
Додека бегалците можат да поднесат барања за азил, штом бидат фатени, можноста од фаќање најверојатно ќе ги поттикнува екстремистите да бараат други патишта за да влезат, велат аналитичарите на безбедноста.
Патувањето во огромни пространства е тешко и скапо, но секоја година стотици илјади луѓе се обидуваат да го остварат. Многумина се од Јужна и Централна Америка, но и бројот на кинези и индијци е зголемен во последните години.
Шверцерите на луѓе во Азија обично земаат меѓу 12 000 и 20 000 долари за целото патување и обично ги организираат клиентите прво за лет до трета држава, како Еквадор или Венецуела. Околните правци се потребни, бидејќи Мексико бара визи за многу земји.
Имигрантите потоа најчесто влегуваат во Мексико со автомобили, пред да се придвижат кон најблиското место за преминување на границата со САД.
Има сомнежи дека мексиканските криминални мрежи се вклучени во операциите и имигрантите често добиваат инструкции што да кажат пред граничната контрола од другата страна, во случај дека бидат уапсени.
Сиријци од … Индија
Нема податоци колку сиријци, ирачани и други од Блискиот Исток се вметнати во овие мрежи. Околу 104 барања за азил биле поднесени од сиријци во првото полугодие, речиси двојно повеќе отколку во 2010 година. Во 2014 година, последната за која има сеопфатна статистика, 14 сиријци и седум ирачани биле приведени при обид да влезат. За споредба, минатата година се фатени над 1.500 луѓе од Индија.
Сепак можно е од Блискиот Исток преку границата да доаѓаат повеќе луѓе, отколку што се внесени во тефтер, рече Наим Харун Саки, правник во Калифорнија, специјализиран за имиграција. Некои азил клиенти, со кои тој се сретнал, се од Блискиот Исток или од други земји, но се претставуваат како индијци, бидејќи таква идентификација буди помалку сомнежи, рече тој.
– Кога ќе ги прашате „Каде е пасошот?“, тие велат дека немаат, додаде адвокатот.
– Кога зборувате, понекогаш поради акцентот се сомневате, дека не се индијци. Понекогаш им поставувате прашања за некои места во Индија, а тие не им се познати. Ако почувствувам дека нивното барање е веродостојно, ги прифаќам, инаку ги враќам.
Опширно беше соопштено за неколку случаи со сиријци кои влегле во САД. Минатиот месец три сириски семејства се појавија на граничен премин во Тексас, што разбуди тревога меѓу некои имиграциони функционери и законодавци, дали тие носат опасност за безбедноста. Како што се испостави, некои од нив се сириски христијани баратели на азил, освен тоа тие самите се претставиле на властите. Тие сеуште се приведени, бидејќи барателите на азил кои немаат валидни документи, обично остануваат во притвор, се додека не помине прелиминарната проверка од гледна точка на безбедност.
Опасност има
Владини претставници рекоа дека сериозно ја сфаќаат опасноста борци на Исламска држава да навлезат преку границата. Петмина пакистанци и еден авганистанец биле уапсени минатиот месец при обид да преминат.
Во декларација, гувернерот на Аризона, Даг Дјуси, ја нарече веста вознемирувачка, имајќи ги предвид неодамнешните закани упатени од ИД кон САД. Но, за никого од приведените засега нема сомневање за било каква поврзаност со терористички организации.
– Овој инцидент, нагласува гувернерот, само ја зајакнува потребата да се однесуваме кон нашата национална безбедност сериозно на сите фронтови … Јасно е дека земјата треба да се активира и да се зајакнат ресурсите на граничната контрола, ако мислиме да ја заштитуваме нашата татковина.
Со оглед на тешкотиите со кои имигрантите се среќаваат, кога сакаат да ја преминат југоисточната граница, високиот ризик да бидат уапсени, експертите за имиграција велат дека не е лесно да влезеш во САД незабележано.
Кој има пари и други средства, по едноставно би било да се здобие со фалсификувани документи и да помине со виза на некоја од официјалните граници, велат аналитичарите на имиграцијата.
– Јас мислам дека по нападите во Париз, правилно е луѓето да се загрижени и да се размислува за нашата заштита, рече Том Џејуиц од либералниот аналитички центар во Вашингтон.
– Но мора да признаеме дека границата е далеку по безбедна, отколку што беше во минатото, дека бројката на протокот продолжува да опаѓа и дека сме инвестирале многу во техника персонал и огради”.
Но според Фоли, кој се подготвуваше за своето следно патролно патување, шверцерите исто така се усовршиле, нашле нови патеки за луѓе кои се подготвени да платат повеќе, за да ја избегнат власта. Тој стравува дека терористите се способни да ги искористат предностите на овие патеки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.