| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Хаг Ханука Самеах!

hanuka evrejska zaednica
Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, по повод големиот Еврејски празник Ханука упати честитка до претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, г-ѓа Берта Домано-Николиќ и до членовите и припадниците на Еврејската заедница во земјава.

Во продолжение ви ја пренесуваме честитката.

Почитувана Г-ѓо Романо-Николиќ,

Дозволете ми, од името на Владата на Република Македонија и од свое лично име на Вам и на сите припадници на Еврејската заедница да Ви упатам срдечни и искрени честитки по повод големиот Еврејски празник на светлината, песната и децата – Ханука.

Чествувањето на овој празник доаѓа токму во време кога човештвото е исправено пред големи предизвици во кои наместо говорот на срцето често пати говори оружјето, насилството и безумието. Ханука е еден од празниците кои ја симболизираат нескротливата желба на поединецот да биде слободен, да биде свој на своето, а во содејство со другите да гради свет на сигурност, мир, толеранција и почит. Токму од овие причини, нека и оваа година менората засвети силно во секој од Вашите домови, а воедно да даде светлина и врз целиот свет за да не се повторуваат грешките од минатото и да се цени животот и слободата на човекот.

Верувам дека вредностите на овој Ваш празник дополнително ќе придонесат за заедништвото на граѓаните на Република Македонија, за меѓусебното почитување, толеранција и соработка и ќе ни дадат сили да продолжиме со реформите кои ќе значат унапредување на можностите во сите општествени сфери за секој наш граѓанин, и за изградбата на силна Република Македонија.

Ви посакувам убави празнични денови и безгрижни семејни мигови.

ХАГ ХАНУКА САМЕАХ!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top