| четврток, 6 декември 2018 |

Оваа сезона ќе одиме чекор понапред

Воопшто не размислувам за грешка на домашен терен, во следната група очекувам три победи. Мора да одиграме перфектно

Македонската јавност ја запозна како ракометарка, која беше еден од виновниците за многу успеси во македонскиот ракомет. Денес Индира Кастратовиќ има нов предизвик. Веќе три години е предводник на женскиот ракометен клуб Вардар. Нејзините избранички, како и изминатите две сезони, успеаја да ја поминат првата фаза од европската Лига на шампиони. Ќе успее ли Вардар годинава да отиде чекор понапред освојувајќи ја Лигата на шампионите по вторпат во македонската ракометна историја? Ќе стигне ли Кастратовиќ како селекторка до успехот што го имаше како играч?

 

Ова е трета година откако постои проектот ЖРК Вардар. Вие сте со него од самиот почеток, како го гледате минатото, дали сте задоволна од резултатите?

Кастратовиќ: Секогаш може подобро и мора да биде подобро, но, во глобала, треба да бидеме задоволни. Почнуваме трета година со овој проект, а двапати бевме на завршниот турнир, двапати игравме полуфинале на Лигата на шампионите, мислам дека тоа е еден голем успех.

 

Две години по ред Вардар игра на завршниот турнир во Будимпешта. На двапати игравте во полуфиналето, но никогаш не направивте чекор повеќе во борбата за европската титула, не се искачивте на тронот. Што недостигаше? Го има ли Вардар сезонава тоа што му недостигаше во изминатите две?

Кастратовиќ: Па, добро, не е никогаш, играме само трета сезона во европски купови и имаме две полуфиналиња. Нормално е да се стремиме кон тоа да бидеме чекор понапред. Мислам дека првата година имавме поголеми шанси отколку втората сезона. Игравме продолженија со Будуќност и несреќно загубивме. Втората година изгоревме во желбата да се реваншираме и загубивме со поубедлива разлика, но се надеваме дека оваа сезона ќе одиме чекор понапред, па и до највисокото место на пиедесталот. Секогаш ќе го нагласувам тоа дека на Вардар многу му требаат силни натпревари во домашното првенство во текот на сезоната. Тие се потребни за воигрување на екипата, за самодоверба на секој играч. Кога има повеќе мечеви, може да се пробаат и повеќе тактики. Едно е тренинг, а сосема е поинаку кога се игра натпревар. Немаме шанса пред настапот во Лигата на шампионите да ги испробаме тактиките што ги подготвуваме. Играме пријателски натпревари и учествуваме на турнири, но немаме континуитет ниту во домашното првенство, ниту во некое регионално натпреварување. Тоа е предноста на најголемите екипи во Европа, кои претендираат за највисок пласман. Сега повторно имаме пауза до јануари, дел од ракометарките ќе настапат за своите репрезентации и нема да може да се воиграме пред продолжението од ЛШ.

 

Од средината на минатата сезона соработувате со Јан Питлик. Каков е односот и дали однапред се поделени работите?

Кастратовиќ: Јан, пред сѐ, е голем човек. Одличен карактер, соработник и голем стручњак. Тренер, кој многу постигна во својата кариера како тренер. Никогаш не е оптоварен и секогаш е отворен за соработка и да помогне и да каже и да сподели искуство. Одлично се усогласивме. Јас повеќе ги знам девојките, за разлика од него, сосема е друг системот на работа на Балканот, тој секогаш работеше до Данките, кои играат поинаков ракомет. Соработката е одлична, дава резултати и се надевам дека така и ќе продолжи и ќе имаме одлични резултати.

 

Оваа сезона ја почнавте со неочекуван пораз од Ѓер. Меѓутоа, во продолжение девојките, заедно со стручниот штаб, покажаа дека имаат квалитет. Групата ја завршивте на второто место и во следната група пренесувате четири бода. 

Кастратовиќ: Повторно ќе нагласам. Прв меч и без посериозни натпревари претходно. Воопшто не барам алиби за поразот, ниту сакам да ги бранам ракометарките. Моравме подобро. Имавме голема желба за победа бидејќи првиот натпревар го игравме на домашен терен и долго го чекавме почетокот на Лигата на шампионите. Веројатно и девојките психички не беа доволно подготвени. Мене ми е повеќе жал за поразот во Ѓер. Имавме игра го диктиравме темпото, но имавме пад во играта, кој нѐ чинеше победа. Во продолжение од ЛШ ракометарките покажаа дека се желни за игра. По очекуваната победа над Хипо во Австрија, која многу значеше за враќање на самодовербата, со Митјиланд знаевме дека мораме да победиме. Нормално дека дома сакаш на секој натпревар да победиш. Тоа беше многу важно за продолжување на сезоната.

 

Реално е да се очекува да се остварат три победи на домашен терен во следната фаза. Познати се противниците, Будуќност, Букурешт и Сафехоф. Дали тоа ќе биде доволно? Или, можеби, Вардар треба да брка и гостинска победа за пласман во четвртифиналето? Што понатаму?

Кастратовиќ: Воопшто не размислувам за грешка на домашен терен, во следната група очекувам три победи. Мора да одиграме перфектно. Добро е што првиот натпревар на домашен терен го играме против Букурешт, а не против Будуќност. Реално е да се размислува и за победа на гости кај Сафехоф. Целта е да одработиме одлични подготовки по Европското првенство во декември и посакувам сите ракометарки да се вратат здрави и полни со елан за продолжување на сезоната, тоа е најважно. Сите што учествуваат на такво наптреварување знаат дека тоа се многу тешки натпревари. Секој различно го поднесува поразот или победата на шампионатите.

 

Медиумите шпекулираат дека голем дел од носителите на играта на екипата на крајот од оваа сезона ќе си заминат. За тоа денеска има потврда од Давор Стојановски, кој информираше дека Сираба Дембеле нема да потпише нов договор. Што е со другите ракометарки на кои им истекуваат договорите?

Кастратовиќ: Со Сираба досега имавме одличен однос. Сепак, и покрај тоа што сама изјави дека во Вардар се чувствува прекрасно, сака промени, сака нов предизвик. Тоа е нејзина желба, нека ѝ е со среќа во натамошната кариера. Секако дека ќе ни недостига, одличен играч е, но продолжуваме понатаму. Се работи за професионализам и задоволни сме од нејзините услуги. Клубот сега ќе мора да бара нови засилувања и соодветни замени. Во моментов сме фокусирани само на натпреварите од Лигата на шампионите и јас и управата не размислуваме за конкретни имиња. Сите ракометарки се насочени со мислите како да се стигне до европскиот трон. Таквите одлуки ги донесува управата на клубот, тоа не е моја работа. Секако дека учествувам со сугестии околу изборот на играчите, но за тоа ќе се размислува по завршувањето на следните шест натпревари од Лигата на шампионите, во периодот февруари – март.

 

Ќе доживее ли Вардар длабок рез во играчкиот кадар доколку и сезонава не успее да ја освои европската титула? Ќе се намали ли буџетот на тимот? Можеби ќе се обиде со нови сили во новата сезона?

Кастратовиќ: Секогаш одиме со позитивна мисла. Во овој период од сезоната воопшто не размислувам за неуспех. Пак ќе повторам, оваа сезона целта е чекор повеќе од полуфиналето на завршниот турнир во Будимпешта. Клубот е на цврсти нозе, со одлични услови за работа, и секако дека нема никакви индиции дека, можеби, ќе се намали буџетот или голем дел од ракометарките ќе си заминат доколку немаме успех, кој сите го очекуваме.

 

Симпатизерите на вашиот клуб емотивно се врзуваат со играчите, дали нивна смена ќе предизвика некои турбуленции?

Кастратовиќ: Морам да нагласам дека сите во клубот се професионалци. Никој не знае што носи иднината. Морам да се навратам 15 години наназад. Знаеме колку играчи се сменија во Кометал додека да се стигне до европската титула. Тоа е процес што е неминовен. Некој ќе си замине, некој нов ќе дојде. Остануваме во добри односи, но работата си е работа. Никој претходно не знаеше дека ќе игра во Вардар и со кои соиграчи ќе настапува. Тоа е нормална работа, како и секој бизнис.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Индира Кастратовиќ е објавено во 169. број на неделникот Република, 27.11.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top