
Колумнист: Горан Момироски
Последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон беше првиот релевантен извор што ги потврди руските тези за намалената поддршка на НАТО и на ЕУ во Македонија. Десетина години откако земјата го започна својот пат до членството во Алијансата, за првпат ни се случува драматична промена во поддршката за единствената стратегиска цел за која има широк консензус меѓу сите граѓани, партии, етнички групи и во деловниот сектор.
Иако, според последната анкета на Американскиот републикански институт, сè уште високи 74 проценти од граѓаните поддржуваат Македонија да влезе во НАТО, сепак, алармот за тревога треба да биде вклучен. Се работи за најниско ниво во историјата откако ИРИ спроведува анкети, поточно, од јануари 2006 година. Во јуни 2015 година, 83 проценти од граѓаните поддржувале влез на Македонија во НАТО, што значи дека за само една година девет проценти од граѓаните се откажале од НАТО како стратешка цел. Во исто време, разбирливо е што процентот на луѓе кои се против членството (19) е зголемен на највисоко ниво досега.
Иако во различни анкети понекогаш се поставуваат и различни прашања, и можно е последната анкета да не ги опфаќа најдобро ставовите на македонските граѓани, сепак, евидентно е дека има промена во јавноста. Ако досега проруските или происламските коментари можевме да ги толкуваме како еден вид политички туризам во кој дел од јавноста ги слави Русија или ИСИС, а реално иднината на своите деца ја гледа во рамките на НАТО, со анкетата на ИРИ се покажа дека нешто сериозно се случува во Македонија.
Сериозноста на состојбата, главно, се однесува на судирот што може да избувне меѓу различните етнички групи околу влогот за членство во НАТО. Најголем број Македонци не сакаат да влезат во НАТО и во ЕУ, ако за тоа предуслов е името. Од друга страна, Албанците, Турците, Ромите и сите други кои не го чувствуваат на свој грб таканареченото „идентитетско прашање“, можат да ги обвинат Македонците (тоа се случува и сега) дека не водат сметка за другите, со што, во комбинација со други фактори може да дојде до вжештена ситуација и до нестабилност во земјата.

Зошто НАТО ја губи поддршката во Македонија
Ако се прави ранг-листа на главните причини за падот на популарноста на НАТО, прва би била разочараноста на граѓаните за непринципиелните ставови на Алијансата, која, и покрај сите спроведени реформи ја држи земјата во вакуум и, во исто време, тој празен простор се обидуваат да го пополнат други фактори. Разочараноста е уште поголема ако се знае дека македонските војници рамо до рамо се борат со војниците на членките на НАТО во низа мисии на Алијансата, а, во исто време, Македонија нема свое столче во политичките и во воените структури на Алијансата, односно, таму каде што се одлучува за заедничките политики. Фактот што Македонија е светски рекордер со спроведени 22 национални акциски планови за членство (сега се спроведува 23 МАП) е позната анегдота на сите форуми каде што се зборува за безбедноста, но тоа не е доволна причина за грижа на совест на лидерите на земјите на НАТО. Во исто време, тоа е доволна причина за разочараност на Македонците, а таков е случајот и во другите земји-кандидати во регионот.
Но, покрај разочараноста има и други фактори кои и НАТО, но и македонските власти мораат да ги имаат предвид кога прават анализи за иднината на земјата. Ако досега најголем број од луѓето сметаа дека прорускиот сентимент кај македонското население е главната причина за намалувањето на рејтингот на НАТО на ниво на цела држава, сега мора да се имаат предвид уште најмалку две причини. Социјалните мрежи се најдобар показател дека Македонецот разочаран од судбината запечатена во Букурешт во 2008 година ја губи вербата во НАТО, но во исто време, се и најдобар извор на ставови на луѓе кои не ја гледаат Алијансата како најдобро решение за Македонија.
Едни од нив се луѓето што не веруваат во воени сојузи, луѓе што би сакале Македонија да се прогласи за воено-неутрална земја како Швајцарија или Србија, која сака да остави таков впечаток, а во исто време купува оружје од Русија. Ваквите луѓе се малку, но можат да станат повеќе доколку, на пример, новата партија Левица собере доволно ресурси за промоција на своите ставови, кои, по некакво правило, би требало да бидат против членството во каков било воен сојуз.
Другата причина за која во медиумите на македонски јазик можат да се најдат малку информации, е групата луѓе која е сè поголема и која има јасно дефинирано зошто не треба да се биде дел од НАТО, а своите верувања ги базира на верски основи.
Колкав е бројот на исламските активисти кои не мораат да бидат радикали или терористи за да бидат против членството на Македонија во НАТО? Авторот на овие редови познава десетина луѓе со исламска вероисповест кои никогаш не би зеле оружје в рака за да остварат политички или верски цели, но, во исто време, не го сакаат НАТО. Причините се разни, блокадата на појасот Газа од страна на Израел, кој е најголем стратегиски партнер на НАТО, алузиите дека САД како лидери на НАТО им прават пакост на муслиманите на Блискиот Исток, и низа други причини за кои во Македонија не се зборува, а се присутни. Овде воопшто нема потреба да се зборува за приврзаниците на екстремни организации, кои, не само што се против членството во НАТО, туку и директно се борат против воени единици поддржани од НАТО. Семејствата на десеттемина македонски граѓани (неофицијално 14) кои досега загинаа на фронтовите во Сирија и во Ирак, а од кои голем дел загинале во битки со воени формации поддржани од членките на НАТО, никогаш нема да гласаат „за“ на евентуален референдум за членство во Алијансата.

Македонците не се единствените разочарани и против НАТО
Со погоре напишаните тези практично паѓа во вода тврдењето што преовладува меѓу македонската интелектуална елита дека Македонците се тие 11 проценти кои во рок од една година го промениле својот однос кон НАТО. Точно е, сè посилниот проруски сентимент придонесува голем дел од овој процент да е составен од Македонци, но членството во НАТО дефинитивно е проблематично и кај малцинските групи, пред сè кај Албанците. Со тоа паѓа во вода и „апсолутната“ теза дека од преостанатите 72 проценти се стопроцентни Албанци и малку се педесетпроцентни Македонци. Промените во однос на НАТО кај македонските граѓани се присутни од 2008 година наваму, но се драматични во последнава година, откако почна приказната со ИСИС, што е причина не само за нова анкета со специјализирани прашања за причините на промените, туку и за посебна анализа во НАТО и во македонската влада како да се спречи овој тренд.
Се разбира, НАТО сè уште има маргина која ѝ обезбедува простор за оптимизам. Во Монс сè уште не размислуваат за овој тренд затоа што ако се спореди македонската поддршка со процентот во Хрватска каде што референдумот за влез помина со малку повеќе од 50 проценти, не треба да има загриженост. Но, овде мора да се има предвид дека во Македонија, како и во другите земји во регионот, работите многу лесно можат да се променат од темел.
Во Македонија досега не постоеше ниту една релевантна политичка сила (секоја чест на поединци интелектуалци) која отворено го поставуваше прашањето за потребата и за користа од членството во НАТО. Во секој случај, и Македонија и НАТО ќе мора да преземат нешто барем за да утврдат што е тоа што го менува јавното мислење во Македонија.
Лек за македонските фрустрации
Најдобар лек за овој проблем би била покана за членство за Македонија, која заедно со Црна Гора во мај во Варшава би се приклучила на Алијансата. За жал, мора да бидеме реални дека и покрај неколкуте дипломатски пораки упатени од домаќинот на самитот Полска и неколку американски стратези, сè уште нема критична маса за покана на Македонија. Изјавата на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, кој по средбата со претседателот Иванов во Брисел не го спомена проблемот со името, дава надеж дека работите би можеле да тргнат на добро, но тоа, сепак, ништо не значи. Столтенберг, за првпат по седум години, даде изјава во која проблемот со името не беше споменат, но тоа не е гаранција дека НАТО ќе оди против Грција и ќе упати порака за членство. Објективно, Македонија има малку простор за надеж, не само за добивање покана, туку и воопшто да биде ставена на агендата на самитот. Грчките дипломати со месеци работат на ова поле. Целта е Македонија воопшто да не биде дел од агендата на самитот, таа треба да биде третирана како замрзнат конфликт кој не смее да се отвори сè додека не се најде билатерално решение меѓу двете земји. За жал, Грција повторно е на добар пат да ги оствари своите цели.
ЕУ со стабилна поддршка
Сличен е рејтингот и со поддршката на македонските граѓани за влез во ЕУ, со таа разлика што 72 проценти од анкетираните поддржуваат влез на Македонија во ЕУ, што е најниското ниво што го измерила ИРИ од 2006 година и е идентично со анкетите во 2014 година. Тоа практично значи дека речиси секој четврти граѓанин на Македонија е против влез на земјата во ЕУ, што е шокантно ако се знае дека сто проценти од населението сака да живее со стандард како во ЕУ. Во случајот со Унијата, позитивно е тоа што таа со своите активности има шанси дури и да го подобри својот рејтинг, иако граѓаните се разочарани и од ЕУ затоа што седум години тврди дека сме подготвени за членство и во исто време ни вели дека не можеме да почнеме преговори. Последниот ангажман на ЕУ, кој преку комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, беше главниот фактор за надминување на политичката криза, може да биде причина за зацврстување на и онака високиот рејтинг кој со години е на стабилно ниво.
(Текст објавен во 169. број на неделникот Република, 27.11.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Западен Балкан се поврзани процеси
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа


