| четврток, 6 декември 2018 |

Грција побара итна помош од ЕУ за мигрантите, Фронтекс испраќа уште сили на границата со Македонија

Грција побара итна помош од ЕУ, за да се справи со приливот имигранти, кои преминуваат преку нејзина територија, и во обид да стигнат до Западна Европа, јави ДПА.

makedonija-grcka-granica-4

Годинава во ЕУ пристигнаа над 900.000 имигранти по копно и море. Повеќето од нив преминуваат од Турција кон Грција пред да се упатат преку Западен Балкан кон западноевропските држави, како Германија и Шведска. Тоа доведува до големи трошоци за транзитните држави.

Европската комисија денеска соопшти дека Атина го активирала механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Во принцип механизмот опфаќа земји-членки и некои кандидатки за членство, кои преку него можат да бараат нефинансиска помош во случај на природна катастрофа.

Засега е нејасно каква точно помош побарала Грција.

Од Европската агенција за управување на надворешните граници Фронтекс посочуваат во соопштение денеска дека ќе испратат дополнителни сили, кои ќе и помагаат на Грција со регистрацијата на мигранти на границата со Македонија.

Фронтекс веќе и помага на Атина со идентификацијата и регистрацијата на имигрантите, кои пристигнуваат на островите во Егејското Море.

Хрватска, Словенија и Србија исто така се обратија кон механизмот за цивилна заштита на ЕУ за помош поради бегалската криза, добивајќи шатори, генератори…

Брисел одамна врши притисок врз Грција да се обрати кон тој систем за помош, додаде ДПА.

Во моментот во ЕУ има дебати дали Грција не успева да ги контролира границите, кои се надворешни граници за Шенген зоната.

Шенгенскиот договор предвидува земјите-членки да можат да побараат обнова на контролата по внатрешните граници на зоната за период до две години, „ако се утврди сериозен дефицит во зачувувањето на надворешните граници“.

Според информации во медиумите, тоа може да се искористи за исклучување на Грција од Шенген зоната, бидејќи постојат поплаки дека земјата дозволува преку нејзина територија да преминуваат транзитно непроверени имигранти.

Се очекува оваа тема да биде разгледана на средбата на министрите за внатрешни работи на ЕУ утре во Брисел.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top