Во Кочани денеска почна со работа „Левидиагро“, нова фабрика за преработка на ориз, турска браунфилд инвестиција од четири милиони евра, која ќе придонесе за враќање на кочанскиот ориз на старите европски пазари како висококвалитетна македонска марка.
Фабриката е технолошки најсовремено опремена и претставува најголем капацитет за преработка на ориз во регионот.
На отворањето на фабриката присуствуваше премиерот Никола Груевски, кој истакна дека „Левидиагро“ е дел од група компании основани од инвеститори од Турција во Македонија, чијашто реализација, како и за сите други инвестиции беше поддржана од Владата и ресорните министерства.
– Кон средината на оваа година бев тука во Кочани на пуштањето на фабриката на холандската компанија „Антура“. Уште тогаш најавив дека инвестициите во Кочани ќе продолжат, а ние ќе продолжиме со подобрување на бизнис климата, со промоција на инвестициските можности во странство и со непосреден и партнерски однос со инвеститорите. Таквата работа денес ни носи уште еден производствен погон во Кочани, а тоа е новата фабрика за ориз „Левидиагро“ како браунфилд инвестиција, рече премиерот Груевски.
Тој потенцира дека радува фактот што новата фабрика се стреми да го зголеми производството на ориз од овој регион и неговиот квалитет применувајќи високи европски стандарди на производство, а со цел зголемување на извозот од Македонија и на македонскиот ориз на европските пазари.
Особено е битно, нагласи премиерот, што по подолго време оваа турска компанија повторно ги активира и халите на „Жито ориз“ од Кочани кои по транзицијата во најголем дел не беа искористени.
– Тоа што е, можеби, најзначајно е што оваа фабрика носи нова и просперитетна иднина за кочанските производители на ориз. Компанијата веќе започнала склучување договори за соработка и откуп на родот, што е одличен чекор напред во производството на ориз во Кочани. Ваквите активности ќе им овозможат на земјоделските задруги и индивидуалните земјоделци поголема сигурност во откупот на родот и можност за соработка со постојан и долгорочен партнер – рече премиерот Груевски.
Тој најави дека Владата ќе ја зголеми поддршката за оваа гранка – производство на ориз. Меѓу другото, се осврна и на позитивните резултати од инвестициските активности во овој регион како резултат на што за повеќе од двојно е намалена невработеноста во Кочани и во Кочанско.
Во „Антура“ досега отворени се нови 260 работни места од планираните вкупно 300, во „Анфенол“ досега се вработени 650, а за два-три месеца треба да се вработат уште 350 лица, додека во рестартираниот „Руен“ се вработени над 150 лица.
– Невработеноста во кочанската општина во 2006 година изнесуваше околу 11.000 регистрирани невработени, а денес околу 6,5 илјади лица. Од нив активни баратели на работа се 3.200 лица. Тоа е сериозно намалување на невработеноста, подвлече премиерот Груевски.
Али Созер, сопственикот на компанијата „Левидиагро“ истакна дека ова е најголема фабрика за ориз во која ќе бидат вработени над 100 лица. Одлуката да инвестираат во Македонија е, вели, како резултат на добрата бизнис клима и одличната соработка со централната и локалната власт.
– Македонскиот ориз има висок квалитет. Свесни сме за потенцијалот и инвестицијата е насочена за развој на оваа земјоделска гранка во Македонија. Со производниот капацитет, покрај што ќе го снабдиме домашниот пазар со висококвалитетен ориз, ќе може да одговориме и на потребите на европските пазари, рече Созер.
Новата турска инвестиција во Македонија ја посети и амбасадорот на Република Турција во Македонија Омур Солендил.
– Турција е вистински пријател на Република Македонија и се обидуваме на секое поле да ги унапредуваме односите. Бизнисмените при донесување одлуки за инвестирање главно се ориентираат од два фактора – профитот и сигурноста на инвестицијата, но сакам да се осврнам и на трет фактор кој придонесува за турските инвестиции во Македонија, а тоа е емотивната поврзаност меѓу двете земји на пријателство. Пријателството меѓу Македонија и Турција ќе траат вечно и ќе продолжиме на секое поле да се помагаме обострано, рече Солендил.
Градоначалникот на Општина Кочани Ратко Димитровски истакна дека новата инвестиција очекува да го подобри пласманот и откупот на кочанскиот ориз, а со вложувањата во механизацијата да се подобри економската моќ на земјоделците.
Фабриката, која е сместена во старите простории на „Жито ориз“, поседува најсовремена технологија на производство на ориз со годишен капацитет од 36 илјади тони, ќе вработува над 100 лица и има за цел зголемување на производството на ориз на кочанските полиња. Според компанијата, во финална фаза се договори за извоз во Србија, Косово, Албанија и Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски