Грција денеска ќе биде парализирана од нов 24-часовен генерален штрајк, организиран од двата главни синдикати во земјата. Штрајкот е во знак на протест против новиот предлог-закон на Владата за измени во пензискиот систем, кој се очекува да биде изгласан овој месец.
Во штрајкот ќе учествуваат и здруженија на вработените во приватниот и во државниот сектор, соопштуваат медиумите.
Со истиот повод протести закажал и синдикатот на Комунистичката партија ПАМЕ. Поради штрајкот нема да се движат автобуси, тролејбуси, метрото, електричната железница и трамваите. Железничарите и морнарите, исто така ќе се вклучат во штрајкот.
Во него ќе учествуваат и други државни службеници, професори, лекари и адвокати.
По третиот меморандум со доверителите и по шест години немилосрдни напади против работничките и осигурителните права и постојаното потценување на нашиот живот, толеранцијата на општеството и на вработените се исцрпи.
Продолжувањето на истата катастрофална политика од страна на владата, доведува до осиромашување на грчкото општество, и тоа нема да остане без одговор, се вели во соопштението на Генералната конфедерација на трудот ГСЕЕ, која е најголемата синдикална централа во земјата, која обединува илјадници вработени во приватниот сектор.
Другиот синдикат ПАМЕ ги повика работниците, невработените, жените, пензионерите и сиромашните фармери на заедничка борба против криминалот, подготвуван од крупниот капитал, Владата и ЕУ на штета на социјалното осигурување.
Штрајкот е втор по ред од доаѓањето на власт на партијата СИРИЗА. Првиот пат тоа беше на 12 ноември.
Во врска со предложените владини измени, медиумите посочуваат дека во буџетот на Грција за следната година се утврдени мерки за штедење во износ од 5,7 милијарди евра, и дека до средината на декември владејачката коалиција треба да одобри втор пакет реформи и рестрикции за да го обезбеди добивањето транша од уште една милијарда евра.
Како резултат на изгласани мерки за штедење минатиот месец Грција доби две милијарди евра и со уште 10 милијарди за рекапитализација на нејзините банки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.