Да и се дава повод на Турција, да мисли дека може да влезе во ЕУ е монументална грешка, изјави поранешниот француски претседател, Никола Саркози, за радио „Јороп 1“.
– Стојам зад своите зборови. Турција се наоѓа во Мала Азија, а не во Европа, изјави лидерот на главната опозициска сила, десничарската партија „Републиканците“, кој беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година.
– Грешка е да се лаже и да се дава надеж на турците дека можат да се приклучат кон ЕУ. Треба да одржуваме блиски односи со Турција, да, имаме заеднички интереси со Турција, но таа сепак не треба да стане членка на ЕУ, изјави Саркози.
Според него изјавите на канцеларката на Германија, Ангела Меркел, за прифаќањето на бегалците во Европа е непромислено.
– Треба да се прави разлика меѓу политички бегалци и воени бегалци. Целта е да се добие војната во Сирија, да се постигне мир и сиријците да се вратат во својата земја. Целта не е цела Сирија да дојде да живее во Европа, изјави Саркози.
– Мораме да изготвиме нова имиграциона политика во Европа. Не можеме да ги прифатиме сите дојденци. Ова може да го сруши системот, изјави поранешниот француски претседател.
На средбата на врвот на ЕУ, одржана во неделата, Брисел и вети на Анкара да и додели 3 милијарди евра за грижа за бегалците. Европската комисија предлага 500 милиони евра од оваа сума да дојдат од буџетот на ЕУ, а останатите 2,5 милијарди евра да се соберат од земјите членки до 21 декември.
Истовремено беше постигнат договор за почеток на нова фаза во претпристапните преговори меѓу Турција и ЕУ. За да се одреди датум на евентуално пристапување на Турција во ЕУ, треба да завршат преговорите со Брисел за адаптација на турското законодавство кон европските норми во 35 поглавја. Од 2005 година до сега се започнати преговори за 14 поглавја и едно е затворено, пренесуваат светските агенции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.