| четврток, 6 декември 2018 |

Награди за најдобрите млади поети на конкурсот на Агенцијата за млади и спорт

Во Друштвото на писателите на Македонија беа објавени најдобрите три творби од конкурсот „Млади поети“ на Агенцијата за млади и спорт.

За првонаградена беше прогласена песната „Голотијата ослободува“ на Никола Илијоски, втората награда ја доби песната „Зборови“ на Ана Митричка, а третата награда и припадна на Мануела Златкова за песната „Преку езерото“.

Наградените добија ваучери во вредност од 5.000, 10.000 и 15.000 денари. Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, кој ги додели наградите, истакна дека песните од наградените поети и дел од пристигнатите песни на конкурсот ќе бидат објавени во збирка поезија што ќе биде објавена до крајот на годината.

– Во рамки на програмските определби на Агенцијата за млади и спорт за промовирање на младинското творештво и младинската креативност во делот на пишаниот збор, втора година по ред го реализираме проектот „Млади поети“, со кој сакаме да ги стимулираме, поттикнеме и поддржиме младите автори да творат и да ја збогатат македонската литературна ризница, рече Спасески, изразувајќи задоволство што од година во година е се поголем интересот кај младите автори за учество во овој проект.

Претседателот на стручната жири-комисија, Виолета Танчева – Златева ја поздрави иницијативата на Агенцијата за млади и спорт и оцени дека таа е одлична форма за презентирање на творештвото на младите и неафирмирани автори.

На годинашниот конкурс пристигнаа 160 творби од 97 млади поети на возраст од 15 до 29 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top