Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО денеска во Брисел ќе ја објават својата одлука за упатување покана за членство на Црна Гора во Алијансата.
Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ), повикувајќи се на неименувани извори во Брисел, вчера јави дека шефовите на дипломатиите на 28-те земји-членки на НАТО постигнале договор за прием на Црна Гора.
За претпладнево е закажана прес-конференција на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на која тој треба да ја соопшти одлуката на министрите.
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер вчера изјави Црна Гора „треба да биде охрабрена“ со расправата околу одлуката за нејзиниот прием во НАТО.
– Позицијата на Германија е јасна. Ние го поддржуваме упатувањето покана до Црна Гора и мислам дека и моите колеги се на иста линија, изјави Штајнамајер на маргините на дводневната министерска средба, што започна вчера.
Амбасадорот на САД во НАТО, Даглас Лут пак изјави дека независоно од одлуката за Црна Гора, мора да се има предвид дека „постојат уште три земји кои изразија јасна намера за приклучување“ кон Алијансата.
– Мислам дека министрите ќе разговараат и за напредокот на другите три кандидати. Тоа се Грузија, Босна и Херцеговина и Македонија, рече Лут пред почетокот на средбата.
Инаку, главни теми на вчерашниот прв ден од министерската средба на НАТО беа состојбата во Авганистан и односите меѓу Турција и Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.