Писателот Томислав Османли, имаше повеќе настапи на книжевниот собир „Кисуфим“, четврта биенална Конференција на еврејските прозаисти и поети, која деновиве се одржува во културниот центар „Мишкенот Ша’аним“ во Ерусалим…
Османли учествуваше на литературното читање насловено „Глас на личноста“ одржано под модераторство на Д-р Дити Ронен со неговиот расказ „Базен“ чијшто превод на англиски, пред многубројните присутни беше проектиран на голем монитор и симултано преведуван на хебрејки јазик.
Наредниот ден, во културниот центар „Бет Ави Хаи“, Османли, исто така, ја отвори програмата разговори во чии рамки настапија пет автори. Неговиот настап беше именуван „Дали некој се сеќава на малата Рашела“ што реферира на неговата наградена и многустрано објавена проза посветена на спомнатиот трагичен лик.
Четириесетминутниот раговор со Османли го водеше уметничката директорка на ерусалимската книжевна конференција, инаку истакната поетеса Хава Пинхас-Коен, а на овој настанот присуствуваше и македонскиот амбасадор во Израел Пајо Авировиќ.
Во текот на дневните сесии на собирот се одржаа бројни прозни и поетски читања, јавни разговори и трибини меѓу писателите на повеќе јазици: англиски, француски, хебрејски, руски, Јидиш, Ладино и други.
Биеналната конференција во Ерусалим се одвива на темата „Идентитет и другост“ и има за цел да ја зголеми свесноста за различноста на еврејската литература и да ги поттикне размената на сознанија и преведувачките напори, како и да го промовира дијалогот меѓу многуте јазици и култури засновани на еврејското, но и на литературно творештво врз еврејски теми.
Расказот „Сликата на тетка Рашела“ на Томислав Османли заедно со повеќе поетски и прозни творби од истакнати автори од целиот свет, е објавен во зборникот посветен на четвртиот „Кисуфим“ во Ерусалим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.