| четврток, 6 декември 2018 |

Александар Kоловски вечерва настапува со Филхармонија

Македонската филхармонија вечерва во 20 часот во Домот на АРМ ќе одржи концерт од циклусот „Лауреати“, на кој како солист ќе настапи хармоникашот Александар Kоловски.

Под диригентската палка на гостинот од Германија, маестро Андреас Вајзер, Kоловски, кој е победник на Светскиот куп за хармоника „Трофe мондиjал“, прв пат во Македонија ќе го исполни концертот „Опал“ за хармоника и за гудачи од Ришар Галијано.

Изведбата на овој концерт инспириран од медитеранските звуци претставува ретка можност да се слушне овој инструмент во придружба на оркестар. На програмата се и симфониската фреска „Хармосин и прогонетиот Византиец“ од македонскиот композитор Ристо Аврамовски и спектакуларната оркестарска композиција „Римски борови“ од Оторино Респиги.

Kоловски (1990) е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а посетува мајсторски курсеви во Франција кај еден од најистакнатите педагози по хармоника во светот, Фредерик Дешан. Од 2010 година е официјален уметник на компанијата за производство на музички инструменти „Хохнер“ и е еден од нивните најмлади промотори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top