Извршниот претседател на актуелниот шампион на Германија, тимот на Баерн (М), Карл-Хаинц Румениге, откри дека баварскиот гигант не е загрижен поради фактот дека шпанскиот стручњак Пеп Гвардиола има договор до крајот на актуелната сезона.
Фудбалските медиуми постојано ја форсираат приказната дека Гвардиола не сака да ја продолжи соработката со бундеслигашот и дека следната негова дестинација ќе биде англискиот премиерлигаш Манчестер Сити.
Главниот оперативец на Баерн (М) уште еднаш повтори дека преговорите околу новиот договор ќе стартуваат на крајот од 2015 година.
Ние постојано повторуваме дека конечната одлука ќе биде позната пред да заврши 2015 година. Знам дека веќе е доцна, дека се ближат новогодишните празници. После првенствениот дуел против Хановер, кој е на програма на 19 декември, ќе седнеме на преговарачката маса. Веднаш ќе бидете известени за конечниот резултат од преговорите. Постојано нема некоја нова шпекулација. Не постои таков човек кој нема да биде заменет во потребниот момент. Тоа е нешто нормално. Фудбалерите пристигнуваат и си заминуваат. Така е и со тренерите. Јас сум максимално релаксиран. Ако Гвардиола си замине од “Алианс Арена”, убеден сум дека ќе ангажираме одличен тренер. Ќе мора да почекаме уште малку. Не мислам дека шпанскиот стручњак намерно не ја соопштува конечната одлука. Клупските челници се максимално релаксирани. Секој си има обврска, но сакам кога има некаква мала тензија. Јас тоа не го доживувам како некој проблем, изјави Румениге.
Германските медиуми пред неколку недели ја пласираа информацијата дека челниците на Баерн (М) веќе имале неколку состаноци со агентот на трофејниот стручњак и за време на истите потврдиле дека доколку Гвардиола го потпише новиот договор кој ќе биде со важност до 2018 година, Шпанецот ќе си осигура рекордна плата од 17 мил. евра.
Слична такава понуда поранешниот предводник на каталонскиот гигант Барселона, доби и од сопствениците на најбогатиот клуб во англиската Премиер лига, Манчестер Сити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.